петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 47 ново

ДУИ ги кочи реформите во здравството, оти нивните кадри ќе останат без работа по укинување на економските директори по клиниките

Реформите во здравството за укинување на економските или вторите директори на клиниките, укинувањето на плаќањето по учинок и бришење на временската рамка за превземање специјалисти од приватно во јавно здравство, што ги најави уште лани поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, се заглавени, пишува сдк.

Нефицијално дознаваме дека еден од коалиционите партнери во Владата, поточно ДУИ, го кочи законот додека не им најде други убави работни места на кадрите од партијата што ќе бидат засегнати од реформите.

Извори од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека ако поминат измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, економските директори на клиниките од редовите на ДУИ, кои беа именувани уште во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе останат без работа и колациониот партнер ја кочи реформата додека ним не им се најде друго решение.

Официјално, во Владата никој не кажува зошто се сопрени реформите во здравството. Нема ни официјална информација колку кадри поставени од ДУИ би биле засегнати од новиот закон.

Неофицијално, законот го држи „под мраз“ вицепремиерот Бујар Османи кој од јули 2018 до јули 2011 година беше министер за здравство во Владата на Никола Груевски, а премиерот Зоран Заев, зафатен со договорот со Грција го тргнал ова прашање на страна за да не прави непотребни тензии со ДУИ.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека точката за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита била повлечена на барање на Министерството за здравство, бидејќи тоа како ресорно министерство ги подготвува измените.

-Кога ќе бидат дадени овие измени во владина процедура зависи од Министерството за здравство. Засега тие не се вратени од таму, излајвил Бошњаковски.

Од Министерството за здравство повеќе од една недела нема одговор зошто се повлечени овие измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита од владина процедура и кога повторно ќе бидат вратени.

На дел од клиниките и во јавните здравствени установи сѐ уште останаа двојни директори, односно покрај медицинскот директор има и економски директор. Лани летото на клиниките беа именувани нови в.д медицински директори. Дел од економските директори беа разрешени, но најголем дел од нив, кои се од редовите на ДУИ останаа на своите работни места и покрај тоа што им е истечен мандатот.

МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ТАРАВАРИ ЌЕ ГИ УКИНЕ ПЛАЌАЊЕТО ПО УЧИНОК И ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ

Укинувањето на двојните директори поранешниот министер за здравство Таравари, го објасни со потребата да се направи рационализација на работата во клниките, бидејќи тие имаат долгови од над 50 милиони евра. Тој тогаш кажа дека на клиниките не се потребни и втори директори чија плата се движи од 1.000 до 1.500 евра и дека тие пари ќе се искористат за наградување на најдобрите доктори за да ги стимулираат сите подобро да работат.

Откако Клиничкиот центар беше поделен на 32 клиники, покрај медицинскиот директор во времето на ВМРО-ДПМНЕ тие добија и економски или организациски директори. Но, наместо успешно да се менаџира работата со клиниките, формулата со двоен директор со врзан потпис често повеќе правеше проблеми.

ЗАКОНОТ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ ДОКТОРИ ОД ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ ИСТЕКОЛ ВО 2016, СПЕЦИЈАЛИСТИ ГО ЧЕКААТ ФИЛИПЧЕ ДА ГО ПРАТИ ВО СОБРАНИЕ

Министерот за здравство Венко Филипче уште пред два месеци кажа дека ги направиле потребните измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, меѓу кои и оваа за укинување на економските директори. Тој тогаш рече дека на некоја од наредните владини седници ќе бидат дадени на одобрување овие измени, и дека покрај нив работат и на темелни промени на Законот за здравствена заштита, кои подоцна ќе одат во владина и собраниска процедура.

ПРЕЗЕМАЊЕТО ЛЕКАРИ ОД ПРИВАТНИ ВО ДРЖАВНИ БОЛНИЦИ НЕМА ДА БИДЕ ВРЕМЕНСКИ ОГРАНИЧЕНО

Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита минатиот месец беа ставени како 38 точка на дневен ред на 67 седница на Владата. Владата не расправаше по оваа точка од дневниот ред, бидејќи беше повлечена.

Ни тогаш немаше официјално соопштение зошто оваа точка на дневен ред е повлечена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top