понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 0 ново

И децата може да уживаат гледајќи го Шекспир во Театар за деца и младинци (галерија)

Во драмите на Британецот Вилијам Шекспир, великанот на светската драматургија може да уживаат и децата, ако им понудите претстава во која ќе бидат извлечени најважните реченици од неговите најпознати драми и ако визуелно успеете тоа да го „спакувате“ во 75 минути.

Тоа и успеа на Кренаре Невзати- Кери, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, која работи и како кореографка и на ансамблот на Тетарот за деца и младинци (ТДМ) кои синоќа премиерно ја изведоа претставата „Сонот на Вилијам“  работена според делата на Вилијам Шекспир. Во претставата беа користени преводи и препеви од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев на делата „Сон на летна ноќ“; „Ромео и Јулија“; „Магбет“ и „Хамлет“.

Преку танц, игра, избор на прекрасна музика, одлични костими и сценографија која успева да ја „издолжи“ сцената на ТДМ, Невзати- Кери и актерите успеаја да им го задржат вниманието на децата, но и на родителите и да ги внесат во магичниот свет на Шекспир.

„Сонот на Вилијам“ е практично ансамбл-претстава, бидејќи од вкупно 13 вработени актери во Театарот, 12 играат во претставата. Сите актери во претставата играат по неколку ликови.

Во претставата сѐ се случува во сонот или во главата на малиот Вилијам (кого го игра Бојан Кирковски). Тој сонува сон  ноќта спроти училишната претстава во која треба да настапи. На Вилијам му се привидуваат ликовите од претставата – неговите другари, соученичката Јулија, како и други ликови од Шекспировите дела. Не знае дали е јаве или сон тоа што му се случило и во разговорот со мајка му (која ја игра Катарина Илиевска-Силјановска) сфаќа дека ноќта била волшебна.

Во претставата играат: Бојан Кирковски, Катарина Илиевска -Силјановска, Симона Спировска, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Марија Ѓорѓијовска, Бојан Лазаров, Наташа Петровиќ, Изабела Новотни, Ана Левајковиќ-Бошков, Емра Куртишoва, Винета Дамческа -Мојаноска.

Освен режијата, Невзати ја направи адаптацијата на драмите, кореографијата, сценографијата и изборот на музиката. Костимографија е на Барбара Цвејиќ – Рив, видео анимацијата и фотографија е на Емил Петро. Љубица Велкова и Раде Василев ги изработија костимите, а изработката на кукли и реквизити е на Кирил Василев и Барбара Цвејиќ – Рив.

Во претставата е користена музика  од времето на Шекспир, но и дела на Моцарт, Верди, Мусоргски.

„Сонот на Вилијам“ ќе биде дел и од програмата на претстојниот „Битола Шекспир фестивал“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top