понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 0 ново

Се слави двапати во годината, а за чудата на маченикот Теодор и ден-денес се зборува

Се празнува на 8 февруари и под тој датум е опишано житието на овој светител. На 8 јуни се празнува преносот на неговите мошти од Ираклија во Евхаита, зашто свети Теодор му заветуваше на својот слуга Вар кога страдаше: „Телото мое положи го во Евхаита, на имотот на моите претци.“ Свети Атанасиј Синајски запиша едно чудо од иконата на свети Теодор. Во местото Карсата близу Дамаск имаше една црква посветена на свети Теодор Стратилат. Кога Сарацените го покорија Дамаск, една група Сарацени со жените и децата се населија во таа црква. На ѕидот имаше фреска со ликот на свети Теодор. Еден од Сарацените зеде стрела и со неа го удри лицето од ликот на светителот. Одеднаш од лицето потече крв. А наскоро потоа сите Сарацени од оваа група изумреа во црквата. Свети Атанасиј вели дека самиот лично бил во таа црква и го видел ликот на светителот со траги од засирена крв.

Свети Ефрем, патријарх Антиохиски
Во времето на византискиот цар Анастасиј Ефрем беше војвода од источните земји. Им беше познат на сите заради неговата голема побожност и милосрдие и заради ова беше многу ценет. Кога требаше да се обновува Антиохија, разурната од земјотрес и оган, царот го одреди војводата Ефрем да раководи со таа работа. Својата должност овој си ја исполнуваше со прилежност и љубов. Меѓу обичните работници ѕидари кај него имаше и некој епископ кој, од непознати причини, го беше оставил епископството и работеше како обичен работник, па никој не знаеше дека тој човек е епископ. Еден ден овој човек прилегна да се одмори од тешкиот напор со останатите работници и заспа. А војводата Ефрем виде како од него се извива огнен столб до небесата. Зачуден и ужаснат Ефрем потоа го повика човекот и го заколна да му каже кој е тој. А човеков долго се стеснуваше, но најпосла призна дека е епископ и му прорече на Ефрем дека набрзо ќе биде посветен за патријарх Антиохиски (местото на патријархот беше упразнето, зашто во земјотресот загина стариот патријарх Енфрасиј). И навистина, тие денови Ефрем беше избран и посветен за патријарх. Заради неговата добрина, чистота и ревност за Православието, Бог му даде голем дар на чудотворство. Еднаш, за да убеди еден еретик дека Православието е вистинито, тој го стави во оган својот омофор, а самиот Му се молеше на Бога. Омофорот стоеше во оган три часа и остана неоштетен. Штом го виде тоа еретикот се престраши и ја отфрли ереста. Во 546 година Свети Ефрем мирно се упокои и се пресели во Царството Божјо.

Преподобен Зосим Финикиски
Овој светител се роди во селото Синди, во околината на градот Тир. Се подвизуваше во својот манастир близу градот Тир. Бидејќи немаше никакви облаци на својата совест, беше прозорлив со духот на далечина и знаеше што се случува во светот. Така го прозре и го виде падот на Антиохија од земјотресот и плачеше горко спрострен на земја за да не го погуби Бог докрај овој град. Еднаш се случи, кога патуваше, магарето да му го изеде лав. Светителот му нареди на лавот да му послужи како магаре и да му го носи товарот. Лавот се покажа пред него кроток како јагне, го прими товарот и го носеше сè до портите на градот Кесарија, каде што свети Зосим го ослободи од својот товар и го пушти. Овој светител се упокои мирно во 6 век.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top