понеделник, 24 септември 2018 | Вести денес: 105 ново

Тачи: Време е да постигнеме историски договор со Србија

Косовскиот претседател Хашим Тачи, во пресрет на средбата со неговиот српски колега Александар Вучиќ, што ќе се одржи в недела во Брисел, изјави дека таа е мошне значајна, бидејќи претставува финална фаза пред постигнувањето договор меѓу Косово и Србија за помирување на двата народи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи на прес-конференција во Приштина изјави дека за нормализација на односите меѓу двете земји се заинтересирани и САД и Европската унија, од кои добил поддршка.

– Наша цел е во оваа завршна фаза да биде постигнат правно обврзувачки договор меѓу Косово и Србија, кој ќе овозможи нормализирање на односите меѓу нашите земји и народи. Време е по овие преговори, кои на еден или на друг начин продолжуваат, да се потпише историски договор, со кој ќе се стави крај на една трагична епоха за односите меѓу двете држави, потенцира косовскиот претседател.

Тој нагласи дека е свесен оти следат тешки преговори, но порача дека „Косово нема зошто да се плаши од дијалогот, ниту пак од неговиот епилог“.

– Како општество и политика, Косово ја имаше потребната храброст, знаење и организираност, меѓусебна согласност, како на конференцијата во Рамбује, така и во Виена, преку преговори и праведна борба да прогласи независност и да формира држава, рече Тачи.

Според Тачи, постигнувањето договор со Србија е неопходно за забрзување на интегративните процеси на Косово.

Тој нагласи дека „битката со Србија“ не се добива со бојкотирање на преговорите, туку со изнесување аргументи, кои, според него, се на страната на Косово.

– Косово нема време за губење, а страната кој го одбива дијалогот и договорот меѓу двете земји, ќе биде страната која стагнира, рече Тачи.

Тој додаде дека и прашањето на границата со Србија ќе се најде на маса и порача дека нема да дозволи Косово да изгуби ниту сантиметар од својата територија.
Средбата на Тачи и Вучиќ в недела во Брисел ќе се одржи со посредство на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top