петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 49 ново

Ребаланс на градскиот буџет: Шилегов крати средства за електрични автобуси и печки на пелети на сметка на партиски вработувања

Со ребалансот на буџетот на Град Скопје, градоначалникот Шилегов се откажува од набавка на електрични автобуси, намалува пари за печки на пелети, а ја зголемува стапката за административни вработувања.

Денес советот на град Скопје одлучува за ребаланс на буџетот според кој се намалуваат парите за нови инвестиции, се откажува овогодинешната набавка на нови електрични автобуси, се намалуваат средствата за туристички развој и одржувањето на тековни проекти. За 20 милиони денари се зголемуваат средствата за нови договорни вработувања, кои според опозициската ВМРО – ДПМНЕ се само параван за нови партиски вработувања.

– Се кратат средства за одржување на фонтани од 20 на 8 мил. денари, при што е непознато кои ќе се одржуваат а кои не, истакна советничката Светлана Колариќ.

Од советничката група на ВМРО – ДПМНЕ истакнаа дека намалувањето на пари за субвенции за печки за пелети од 15 на 5.6 мил. денари преставува ослабување на овој проект кој се реализира уште од времето на минатиот градоначалник Трајановски.

– Ветивте чист воздух, а кратитите пари за печки за пелети, но затоа зголемувате средства за партиски вработувања дури 20 милиони денари, што укажува дека овој ребаланс е само за нови вработувања кои ќе бидат партиски, што се коси пак со тврдењата дека имало превработеност, истакна советничката на ВМРО – ДПМНЕ, Ирена Попова.

Дополнително, Шилегов се откажува од набавка на електрични автобуси. Ставката е нула денари, што значи дека станува збор за нова политичка измама, истакнаа советниците од ВМРО – ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top