понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 72 ново

Гордана Силјановска-Давкова: Попусто е мафтањето со европското знаме, ако не се почитуваат опозицијата и парламентарната процедура

Со потпишувањето на Договорот со Грција, одеднаш станавме „најевропјани“!! Владата, „во чест“ на г-ѓа Могерини и г-дин Хан, го закити Законот за ратификација на Договорот со европско знаме , „манифестирајќи“ европската посветеност.

Во трката со времето, откако „превиде“дека Комисијата за надворешна политика е законски надлежна за утврдување на потребата од започнување преговори за склучување билатерални и мултилатерални меѓународни договори, сега „заборави“ дека истата е законски надлежна за разгледување на предлог-законите за РАТИФИКАЦИЈА на меѓународните договори. Згора, не водеше сметка дека претседател на истата е пратеник од опозицијата.

Претседателот на Собранието, воден од (зло)употребеното европското знаме, а не од законските и деловнички одредби, наместо кон Комисијата за надворешна политика го пренасочи Предлог законот кон својот докажан соиграч во креирањето ЕКСПРЕСНИ постапки, претседателот на Комисијата за европски прашања.

Живо сум заинтересирана со кој изворен акт на Европската унија се усогласува Законот за ратификација на Договорот за да се процесуира под европско знаме?? Зошто во името на поделбата на власта и законитоста, Претседателот на собранието не се одважи да и го врати Предлог Законот за договорот на Владата, со барање за негово усогласување со Деловникот?

Ако член 188, став 3 од Деловникот предвидува дека Предлог законот за ратификација на договорот мора да содржи и оценка за потребата од ангажирање финансиски сретства, а на сите ни е јасно дека имплементацијата овој Договор бара огромни сретства, редно е Предлог законот да се најде и пред Комисијата за буџет и финансии.

ПОПУСТО Е МАФТАЊЕТО СО ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕ АКО НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ ОПОЗИЦИЈАТА И ПАРЛАМЕНТАРНАТА ПРОЦЕДУРА. БЕЗ ПРВАТА НЕМА ДЕМОКРАТИЈА, БЕЗ ВТОРАТА – НЕМА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО!

Гордана Сиљановска-Давкова

 

извор: expres.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top