вторник, 17 јули 2018 | Вести денес: 110 ново

Нов „потпис“ на црногорската мафија: Ликвидации вршат со силиконски маски на лицата, скоро е невозможно да ги идентификуваат

Речиси сите мафијашки ликвидации кои во изминатите месеци се случија во Црна Гора имаат една заедничка работа – убијците на лицето носеле силиконски маски поради кои речиси е невозможно да бидат препознаени и откриени, пишува Блиц.рс. Црногорските полицајци се загрижени и велат дека станува збор за нов тренд во криминалните структури на Црна Гора, но и во Босна и Херцеговина, а се очекува дека ќе го прифатат и криминалците од Србија и регионот.

– Тоа сигурно е еден нов тренд во БиХ, Црна Гора и земјите од регионот и тој сигурно во следниот период ќе биде поприсутен. Тоа многу ни ја отежнува идентификацијата на извршителите, вели Неџад Корајлиќ, декан на Факултетот за криминалистика во Сараево.

За нештата да бидат уште полоши, прецизни упатства за тоа како се прават силиконски маски кои се почесто ги користат криминалците може да се најдат на интернет, пишува весникот.

Токму поради носењето на ваква маска се уште не е утврдено кој е мажот вооружен со глок кој го уби сопственикот на дискотеката Бигл среде бел ден и пред бројни сведоци, а убиството на сопственикот Миодраг Крушиќ не е единствено такво во Црна Гора, пишува Блиц.

Полицијата има снимки од безбедносните камери за сите убиства, но на нив се гледа самото убиство и убиецот кој не е идентификуван поради маската. Деканот Корајлиќ вели дека идентификувањето на убиецот е можно на други начини, но тоа е многу проблематично и понесигурно.

– Може да се направи идентификација преку движењата на телото, некои грешки при движењето, но идентификација на лицето е невозможна, вели тој.

Корајлиќ вели дека е важно да се пронајде земјата на потекло на маската за да може да се направи конекција на луѓето кои имаат врски со таа земја.

– Тоа може да помогне при можната идентификација, но не значи дека ќе се пронајдат оние кои ја користеле оти самото поседување таква маска не е кривично дело доколку не се користи за извршување кривично дело, вели Корајлиќ.

Освен тоа, постои опасност криминалните структури да украдат нечиј идентитет.

– Преку интернет може да се купат маски од познати личности, но оние кои ги користеа убијците се набавуваат по нарачка, завершува тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top