петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 102 ново

Бугарскиот претседател го осуди премиерот Борисов за откажување на средбата

Бугарија треба да бара интензивни контакти и дијалог не само со Владата на Република Македонија туку со сите останати институции како со Претседателот, така и со Народното Собрание и со опозицијата. Тоа е начинот навистина да имаме конструктивни, добрососедски и пријателски  односи, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, прашан како го коментира откажувањето на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов од страна на  бугарскиот премиер Бојко Борисов.

-Мислам дека кога повикуваш други да водат дијалог самиот не треба да бегаш од него. Се надевам дека нашите приоритети за Западен Балкан нема да се сведат само на прегрнувањата. Треба да докажеме лидерство и одговорност во тешки моменти“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со претседателот Иванов.

Претседателот Иванов постапката на Борисов ја оцени како заземање на страна, што не придонесува за конструктивност и соработка, пренесуваат од кабинетот на Иванов.

„Тоа е негова одлука и негова е одговорноста. Затоа што тој не е само премиер на Бугарија, туку и на земја која претседава со ЕУ. Европската Унија секаде промовира дијалог, конструктивност, отвореност и соработка така што со тој негов гест само зазема страна и не го остварува тоа што е и цел на членување и претседавање со ЕУ“, изјави Иванов кој денеска престојува во официјална посета на Република Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top