понеделник, 18 јуни 2018 | Вести денес: 1 ново

„Од класика до вариете“ со виртуозите на хармоника Александар Коловски и Анна Кришталева

На 18 јуни (понеделник) во Камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот, концерт ќе одржи македонскиот виртуоз на хармониката Александар Коловски, заедно со Анна Кришталева од Русија, исто така на хармоника.

Концертот носи наслов „Од класика до вариете“, а двајцата повеќенаградувани уметници ќе изведат комплексни и атрактивни дела од Е. Лекуона/ А. Володос, Д. Скарлати, А. Кусиаков, Е. Григ, Р. Вуртнер, В. Семионов, А. Пјацола, Ј. Брамс/И. Јашкевич…

 

Александар Коловски:

Истакнатиот македонски музички уметник Александар Коловски, е роден во Скопје во 1990 година. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Златко Мадевски, а во 2018 година магистрира на Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија, во класата на проф. Алфред Мелихар. Коловски редовно настапува на концерти и на фестивали низ Европа, Кина и Русија. Во периодот од 2009 до 2012 година, тој станува еден од студентите на реномираниот професор Фредерик Дешамп од Франција. Покрај класичната музика, во Франција во 2010 година Коловски почнува да се занимава и со изведба на т.н. вариете музика. Критиката ќе го оцени како „изведувач познат по својот темперамент, виртуозност и импресивна техника“. Во 2011 година го освојува првото место на натпреварот „Светски трофеј“ во Пинето, Италија, освојува прво место на Интернцаионалниот натпревар „Кастелфидардо“ во Италија во сениорска категорија за класична музика во 2011 година, потоа прво место на Интернационалниот натпревар „Гранд При“ во Франција во 2011 година, како и прво место на „Кастелфидардо“ во сениорска категорија за вариете музика. Коловски е добитник и на наградата „Виртуози“ во 2014 година, во категоријата „Млад музички уметник“, доделена од страна на македонското Министерство за култура, Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.

 

Анна Кришталева:

Анна Кришталева е родена во Армавир, Русија во 1996 година и уште од рани години се врзува за музиката, редовно концертирајќи и настапувајќи на интернационални и домашни натпревари. Основното музичко образование го завршува во новокубанското детско музичко училиште, во класата на проф. Михаил Бојко. Во 2014 година пак, се запишува на Ростовскиот музички колеџ во класата на познатиот професор и заслужен артист на Русија, Јури Шишкин. Нејзиниот репертоар е богат и вклучува композиции од различни музички епохи, дела од Менделсон, Григ, Московски, Лекуона, Кусјаков, Бах, Шчедрин, Семионов…, како и композиции од руската народна музика. Инаку, Анна Кришталева редовно настапува на натпревари, како и на концерти во Русија и надвор од земјата, а нејзините изведби се високо позитивно оценети од страна на критиката и опишани како „интерпретации исполнети со страст и длабочина, во комбинација со долги и драматични скали, деликатен опсег на звукот и брилијантна техника…“ Кришталева е добитник на Гранд при на натпреварот „Акордеон плус“ во Ростов на Дон, Русија, во 2012 година, потоа победник е во сениорска категорија за класична музика на Интернационалниот натпревар „Кастелфридардо“ во Италија во 2015 година, а има освоено и прво место на вториот Интернационален натпревар за хармоника во Алкобаса, Португалија, како и прво место на натпреварот „Гридин“ во Курск, Русија во 2016-та.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top