среда, 20 јуни 2018 | Вести денес: 63 ново

Новата градска болница во скопски Аеродром ќе биде висока 18 метри

Министерството за здравство распиша Конкурс за избор на идеен проект за нова Градска болница на локација во општина Аеродром.

Како што соопштија од министерството, конкурсот ќе се спроведува преку Електронскиот систем за јавни набавки, каде што се објавени целите на проектот и критериумите за избор.

„Со цел да се обезбеди болничка заштита во дефинирана мрежа на општи и специјализирани болници и соодветно да одговори на потребите на жителите на градот Скопје и пошироко, Министерството за здравство смета дека е потребно да се подигнат капацитетите на ‘градски болници’ и на тој начин да се намали притисокот врз терциерното здравство во постојниот клинички центар“, се наведува во соопштението.

Идејниот проект треба да предвиди градба на градска болница со максимална висина од 18 метри, односно таа ќе има приземје и четири ката. Сообраќајниот пристап до болницата е решен од два крака односно од булевар „Васко Карангелевски“ и булевар „Јане Сандански“.

„Новата Градска болница треба да имплементира еден нов модел за пружање на амбулантска здравствена заштита и дневна хирургија со неинванзивни постапки, со цел намалување на просечната должина на болнички престој“, стои во соопштението во кое се наведени и условите за конкурсот:

– Учеството на конкурсот е анонимно. Оценувањето на конкурсните трудови ќе го врши жири-комисија. На најдобро рангираните учесници Министерство за здравство на Република Македонија ќе додели парични награди. Конкурсните трудови се доставуваат по пошта или лично, во архивата на Министерството за здравство на Република Македонија, најдоцна до 18 јули годинава до 13:00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top