вторник, 14 август 2018 | Вести денес: 58 ново

Премиера на „Либертанго“ вечерва во МОБ (видео)

Македонската опера и балет вечерва премиерно ќе ја изведе претставата „Либертанго“ на музика на Астор Пјацола, која ќе  ја раскаже животната приказна на овој композитор и  почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.

Приказната го следи патот на италијанското семејство Пјацола – неговите родители Висенте и Асунта на кои оваа јужноамериканска земја им дала надеж за подобар живот како и на многу други италијански емигранти. Од Балетот најавија едночасовна танго-претстава изведена на балетски начин, во која танчарите ќе играат на снимена музика и ќе има неколку балади.

– Претставата има неокласичен стил и израз, бидејќи работиме танго претстава, а не го изоставивме нашето основно средство – шпиц-патиките. Така што, ова е еден танго-балет. Приказната ги прикажува неговите родители, самиот Пјацола како дете и веќе како остарен, неговата идеја да биде тоа што бил, да се занимава со таа музика, за на крај да завршиме со неговото познато „Либертанго“ или танго на слободата, вели Олга Панго, раководител на Балетот на МОБ.

Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија. Комплетната слика за тангото ќе ја доловат и костимите изработени од Александар Ношпал, кој овојпат е автор и на сценографијата, како и светло-дизајнот на Милчо Александров.

Ликот на композиторот Пјацола во три животни периоди – дете, млад и стар ќе го играат Марко Здравковски,  Симоне Џиролети  и Драган Кочовски. Во улога на неговите родители Асунта и Висенте ќе настапат Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили, а тројца познати аргентински танчари ќе  ги играат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Ќе учествуваат триесетина балетски играчи во улоги на танго-танчари и танчарки, италијански емигрантски фамилии…

По вечерашната премиера, „Либертанго“ во МОБ репризно ќе биде изведена на 16 јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top