среда, 20 јуни 2018 | Вести денес: 65 ново

Момци за Светско (ФОТО)

И покрај поразот од Романија со 26:25, ракометната репрезентација на Македонија обезбеди настап на Светското првенство кое ќе се одржи во Германија и Данска на почетокот на јануари 2019 година.

Убедливиот трумф на нашите најдобри ракометри на првиот бараж меч во Скопје во неделата  од осум голови позитива беше недостижен за солидната селекција на Романија предводена од шпанскиот стратег Чави Пасквал кој по мечот си даде оставка. Избраниците на Гонзалес во сите 60 минути ја имаа контролата на играта и резулатот. Во вториот дел Романија дојде до позитива од 24:20, но на крајот домаќините победија со 26:25, но Македонија славеше пласман на Мундијалот.

Најдобар во нашата репрезентација беше Манасков со 7 гола, додека капитенот Кирил Лазаров постигна шест гола. На спротивната страна, Григораш постигна девет гола, додека голманот Попеску беше еден од најзаслужните за оваа минимална победа на Романија со 11 одбрани.

За Македонија ова ќе биде седмо учество на Мундијалите, а шесто во низа.  За оваа генерација на ракометари предводена од капитенот Кирил Лазаров, шампионатот во Германија и Данска ќе биде и последната шанса да се оствари сонот, односно настап на Олимписките игри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top