среда, 22 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Изречени затворски казни: Донесени првите две пресуди за нападот врз Села

Казна затвор од три години за Стојан Павлевски и една година и два месеци за Цејо Георгиевски изрече денеска Кривичниот суд за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година. Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор.

Обвинетите Павлевски и Георгиевски треба да ги намират сите трошоци.

Претседателката на Судечкиот совет Славица Андреевска на денешното рочиште кажа дека разликата во висината на казаните е поради тоа што Стојан Павлевски е првиот што влегува во Собранието и се насочил кон пратениците.

Павлевски по изрекувањето на пресудите пред Судот рече дека не очекувал толку висока казна и најави дека ќе ја обжали одлуката до повисокиот суд. На претходното рочиште, двајцата обвинети Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски ја признаа вината за делото. Двајцата во завршни зборови, кажаа дека се покајуваат за стореното дело и дека немале намера никого да повредат.

Застапникот на обвинението Дарко Јакимовски, во завршни зборови, кажа дека со оглед на признанието на вина Судот треба обвинетите да ги прогласи за виновни и казни за стореното дело. Нагласи дека обвинетите не одговараат само за напад врз Села, туку за целокупните дејствија во Собранието и прес центарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top