понеделник, 15 октомври 2018 | Вести денес: 22 ново

Подводно ќе се истражува локалитетот Залив на коските кај Градиште

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и Центарот за истражување на предисторијата – Скопје денеска организираат отворен ден со медиумите на локалитетот Плоча Миќов Град (Залив на коските) кај Градиште во Охрид по повод отпочнувањето нова археолошка кампања на подводни и дендрохронолошки истражувања.

Како што соопшти УЗКН, на овој локалитет – предисториска наколна населба, во текот на идниот месец ќе се реализира ново археолошко истражување во рамки на меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата – Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.

– Во проектот првпат ќе биде применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба, информира УЗКН.

Почетокот на истражувањето со свои обраќања ќе го означат Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Унивезитетот во Берн, и Гоце Наумов, раководител на истражувањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top