недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

Наѓа (3) починала од сипаници: Ова е нејзината приказна

Мајката на малата Наѓа која починала од сипаници се обидува да им објасни на противниците на вакцините колку грешат. Ова се вознемирувачките фотографии на Драгана Петровиќ од Србија

Во Србија веќе некое време има епидемија; според некои податоци од минатата година забележани биле повеќе од пет илјади случаи на инфекција со мали сипаници и 15 смртни случаи. Синоќа на Фејсбук се огласи г-ѓа Драгана Петровиќ, мајка од Крагуевац, која неодамна го изгуби своето девојче Наѓа која во мај оваа година требала да го прослави својот трет роденден. Малечката од мали сипаници починала во почетокот на април во Институтот за мајки и деца во Белград.

Ја делела собата со заразено момче

Мајката Драгана во својот емоционален статусот ја прераскажа борбата на своето девојче кое поради други здравствени проблеми не можела да биде вакцинирана, а која колективниот имунитет би требало да ја чува. Но, поради зголемениот број на деца кои не се вакцинирани и таа е заразена; се покажало дека во болницата ја делела собата со момче инфицирано со мали сипаници. По неколкумесечна борба, Наѓа починала, а нејзината мајка се надева дека смртта на нејзината ќерка ќе биде доволен доказ за сите оние кои сé уште мислат дека децата не треба да бидат вакцинирани. Нејзината објава ја пренесуваме во целост.

“Ова е мојата Наѓа, родена е на 8 мај 2015 година. Кога имала една година се појавиле симптоми на автоимун полигландуларен синдром тип 1. Таа ја загубила косата, имала системска кандидијаза, автоимун хепатитис и други дијагнози. Подоцна било утврдено дека има и хиперпаратироидизам поради чести хипогликемии и хипокалцемии. Поради тие хипокалцемии, честопати престојувавме во болница, бидејќи со едноставно внесување на терапијата по орален пат, нивото на калциумот е екстремно низок (0,60). Не можеше да се вакцинира и се надевавме дека во екот на епидемиите ќе ја штити колективниот имунитет.

На 5 јануари 2018 година бевме задржани на одделот за интензивна нега и изолација. Меѓутоа, на 6 јануари 2018 година, бидејќи немаше место на одделот, во нашата соба беше примено деветмесечно момче, а ние двете бевме преместени на вториот кат. Поради високи трансаминази (700.800), на 9 јануари 2018 година, бевме префрлени во Институтот за мајки и деца, и, патем, тогаш дознавме дека момчето со кое бевме во контакт имал мали сипаници (морбили). Во тој момент мојот свет се урнал, знаев дека и таа ќе ги добие, но сепак, во длабочините на мојата душа, се надевав дека нема. На 12 јануари, 2018 година Наѓа доби температура, а јас веднаш знаев што е тоа. Се тресев, плачев, но се надевав дека тоа не е тоа.

Истиот ден, во вечерните часови, Наѓа потона во сон, од кој никогаш повеќе не се разбуди … Таа не јадше, не пиеше, не се будеше, не реагираше … Секој ден се влошувала состојбата, нејзината потреба за кислород се зголемувала, па од еден литар дојде до седум литри во рок од три дена. И се појавил осип и добивме потврда дека е заразена со мали сипаници. На 22 јануари 2018 година на Наѓа ѝ се влошува состојбата, потешко дише, сатурацијата со кислород паѓа на 50, престанува да мокри, натекува, крвари од носот и устата и станува сина. Во вечерните часови е префрлена на интензивна нега и во 4 часот таа ноќ ја интубираат- поради наглото опаѓање на заситеноста, притисокот и отчукувањата на срцето. Таа е реанимирана и Наѓа останува жива. Сепак, борбата за нејзиниот живот траеше речиси три месеци.

Не поднесувала одвојување од респираторот, се вентилирала со високи кондиции, се создале лузни на белите дробови, едем на мозокот … Таа е на 100% кислород од првиот до последниот ден со заситеност од 50% до 90%, во зависност од денот. Во средината на март, ѝ била направена пункција заради лошата невролошка состојба која не докажала ништо. Оттогаш нејзината состојба се влошува, се појавува екстремен васкулитис и нарушувања на циркулацијата. Потоа започнува крварење од цевка, од непознато потекло, функцијата на белите дробови станува сѐ полоша, а се појавува и акутен респираторен дистрес, сепса со две различни бактерии, Ц-реактивниот протеин е на 400. На 3 април 2018 година, во 10 часот , срцето на Наѓа запрело и поради реанимацијата доаѓа до пневмоторакс на левото белодробно крило, па се воведува дрен и Наѓа станува стабилна. Сепак, следниот ден, во 18 часот, се јавува срцев застој и со сите преземени мерки за реанимација, Наѓа ги добива ангелските крилја во 18 и 30.

Ја споделив оваа приказна со вас за да ги едуцирам родителите кои се сомневаат во вакцинацијата на нивните деца. Секое дете заслужува и има право да биде заштитено од заразни болести. Наѓа ја даде својата жртва, СВОЈОТ ЖИВОТ, за да покаже дека безопасната детска болест може да загрози сечиј живот. Сега е на нас да ја дадеме својата жртва и да ја споделуваме нејзината приказна, за да не се повтори никому. Мојот Ангел ме напушти премногу рано, но јас ќе се борам никогаш да не се заборави и да не му се случи никому, она што ми се случило мене.”

 

извор: kukuriku.com.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top