вторник, 14 август 2018 | Вести денес: 83 ново

Вечерва проекција на филмот „Прашина“ во Кинотека – In memoriam: Салаетин Билал

На 11 јуни, понеделник, во 20 часот Кинотека на Македонија Ве поканува да испратиме последен поздрав до доајенот на театарското и филмското глумиште, Салаетин Билал, со проекција на филмот ПРАШИНА, во режија Милчо Манчевски.

Салаетин Билал беше театарски, филмски и телевизиски актер кој студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје, а како актер гостува и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма. За своето актерско умеење бил награден како најдобар артист на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1976 и 1990 година, а на Театарските игри во 1992 година ја добил награда за најдобра споредна улога. Двапати бил добитник на наградата што ја доделува ревијата „Екран“ – Актер на годината во 1976 и 1977 година. Добитник е и на општествените признанија „13 Ноември“ – награда на градот Скопје за 1977 г., а во 1984 гго доби највисокото републичко признание наградата „11 Октомври“.

Во филмографијата на Салаетин Билал се вбројуваат и филмските остварувања: НАЈДОЛГИОТ ПАТ (1976), ВРЕМЕ ВОДИ (1980), ПОЛНОЌНО СОНЦЕ (1982), МАКЕДОНСКА САГА (1993, АНГЕЛИ НА ОТПАД (1995), ЏИПСИ МЕЏИК (1997), ПРАШИНА (2001), ЧЕКОР ПРЕД ВРЕМЕТО (2003), ИЛУЗИЈА и АНДЕР (2004), СТАПИЦА (2006), СЕНКИ (2007), МАЈКИ (2010), ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ (2012), БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ (2013), ХЕРОЈ (2013) И ДО БАЛЧАК (2014).

Покрај филмските остварувања, запаметени ќе останат и неговите телевизиски остварувања: ВОЛШЕБНОТО САМАРЧЕ (1975), ИТАР ПЕЈО (1977), ИЛИНДЕН (1982), БЕЛОТО ЦИГАНЧЕ (1984), СОЛУНСКИ ПАТРДИИ (1986), ТВРДОКОРНИ (1988-1992), МАКЕДОНСКИ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ (1994) и уште многу други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top