петок, 22 јуни 2018 | Вести денес: 24 ново

Нова награда за филмот „Ловци на вештерки“ на фестивал во Чешка

Играниот филм „Ловци на вештерки“, приказната за вистинско другарство на две деца, беше премиерно прикажан во Европа во официјалната програма на еден од најстарите европски фестивали за детски содржини „Злин филм фестивал“, што се одржа минатата недела во Чешка. Фестивалот има посетеност од над 125.000 гледачи, што го прави еден од најпрестижните и најинтересни во својата сфера. По успешното прикажување, децата актери Михајло Милавиќ и Силма Махмут ја освојиа наградата за најдобри актери Best children performance.

„Ловци на вештерки“ (The Witch hunters, англ.) е приказна за Јован, момче од десет години, кое е родено со делумнa церебрална парализа. Неговиот живот е условен од оваа ситуација. Преку својата имагинација Јован бега во светот на фантазијата, во која, непречен од својата физичка попреченост, тој е слободен да направи сè и да биде оној што сака, еден вид суперхерој.

Филмот е во режија на Рашко Миљковиќ, сценариото е напишано од Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ, а во него играат: младите Михајло Милавиќ и Силма Махмут, како и Јелена Докиќ, Милутин Милошевиќ и нашата светски позната актерка Јелена Јованова. Директор на фотографија е Микша Анѓелиќ, костимограф од Македонија е Ирена Атанасовска, монтажер на филмот е Ѓорѓе Марковиќ, а снимател на звукот е Игор Поповски. Во оваа српско-македонска копродукција продуцент на филмот е Јована Караулиќ од „Акција продукција“, а македонски копродуцент е Огнен Антов од „Дрим фектори“.

Филмот е финансиски поддржан од Филмскиот центар на Србија, медија програмата „Креативна Европа“, Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за образование на Република Србија, Град Белград. Филмот на својата светска премиера на престижниот фестивал во Торонто веќе го привлече големо внимание на светската публика освојувајќи ја наградата за најдобар филм од страна на т.н. младо жири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top