вторник, 21 август 2018 | Вести денес: 1 ново

Царовска молчи: Минималната плата во плико им се враќа на работодавачите, над 5000 текстилни работници ќе останат на улица

5000 работници во текстилната индустрија се под директна закана дека ќе ги изгубат работните места и дека ќе завршат на улица. Најголем број од нив се жени. Законот за минимална плата не ги даде очекуваните резултати. Работодавците и синдикалните организации отворија фронт со министерката Мила Царовска и Владата на Република Македонија.

Лавина реакции пристигнуваа на адреса на министерството за труд и социјална политика при креирањето на Законот за минимална плата, во делот на нормата која работникот требаше да ја постигне за да биде платен со 12 илјади денари, но тогаш државата не ги слушна синдикатите кои застанаа на страната на работниците и кои остро се спротиставија на владината политика да се експлоатира трудот на работникот.

Уставниот суд неодамна пресече со укинување на нормираниот учинок. По оваа одлука, работодавците ја ставија министерката Царовска во ќор сокак. Дали Царовска ќе застане во одбрана на достоинството на работниците или пак на страната на работодавците?

Владините мерки за субвенционирање на работодавците и покрај тоа што беа најавувани помпезно и спектакуларно , останаа не апсорбирани, како резултат на проструените гласини во јавноста дека инспекциски служби ќе им дишат во врат на работодавците за тоа како ги искористуваат средствата од државната помош. Исто така, бирократските процедури и високите критериуми ги предомислија фирмите да аплицираат за субвенции во Управата за јавни приходи.

Викендов во Белград, министерката Царовска на Регионална конференција „Иднината на државите за благосостојба на Западен Балкан“, меѓу другото, зборуваше и за минималната плата во Република Македонија, која наводно придонела за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Царовска заборави да каже како работниците во плико на рака ги враќаат назад парите во џебот на работодавците, а со тоа дека Законот за минимална плата навистина остана празно слово на хартија.

Од понеделник Царовска ја очекува жешка работна недела во водењето на социјалниот дијалог пред Економско социјалниот совет, каде треба да ги испегла сите недоследности и импровизации во законската регулатива со сите засегнати страни во процесот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top