вторник, 14 август 2018 | Вести денес: 83 ново

Миноски: Убедливо сме на днoто – нема нови проекти, старите се прекинуваат

Mакедонија и официјално е на дното во Европа по растот на БДП, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Имено, според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1 отсто. Најголем пад е забележан кај градежниот сектор и тоа од дури 37 отсто. Ваквите поразителни бројки уште еднаш ја потврдија лошата економска политика на СДСМ. Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост.

За експертите ваквите движења се очекувани, со оглед на актуелните економски политики.

-Во услови кога податоците за движењата на европскиот пазар како најзначаен за македонската економија покажуваат раст, економиите во регионот растат со стапки од над 4 отсто, навистина е поразителна и разочарувачка бројката од 0,1 отто раст на БДП кога во исто време стапката на инфлација изнесува 1,5 отсто за првиот квартал, со што дополнително се минимизира оваа и онака скромна бројка. Градежниот сектор кој што беше главниот двигател на економијата во изминатите години е во пад, што дополнително ја усложнува состојбата и влијае негативно на растот на дваесетина индустриски гранки од економијата што директно зависат од градежниот сектор – вели поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.

Со ваквите негативни тенденции во економијата, невозможно е да се реализираат проекциите за раст од 3,2 отсто, како што најави владата на Зоран Заев. Дури и сегашната слабокрвна раздвиженост на економијата се уште е резултат на имплементираното во претходниот период, од времето кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт.

-Податоците од првиот квартал на 2018 година, не даваат простор за ваков оптимизам, дотолку повеќе што и проекциите на Светска Банка за растот на македонската економија во 2018 година се 2,3 отсто, што повторно станува во овие услови висок таргет затоа што економијата на квартална основа треба да расте по речиси 0,6 отсто за да се стигне оваа бројка. Инаку и овие резултати кои што се испорачуваат се резултат на активностите на компаниите во слободните економски зони кои што се добавувачи на големите европски компании и кои што максимално ја користат позитивната коњуктура на европскиот пазар. Колку што ми е познато речиси и да нема некој позначаен инвеститор кој што има најавено отварање на нов капацитет во Република Македонија. Тоа се разбира не е добро за Република Мекедонија за компаниите и граѓаните- тврди Миноски.

Според лидерот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски Државниот завод за статистика повторно ја потврдил лошата економска политика на СДСМ.

-Според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1%. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од цели 37 отсто забележува градежниот сектор, што всушност и ја отсликува НЕ работата на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост- истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека има пад од 7 отсто во просперитетниот сектор Информации и комуникации.

-Да потсетиме, во својата кампања СДСМ големо внимание посвети на овој сектор ветувајќи намалување на Данокот на добивка за ИТ компаниите за цели 50 отсто т.е. од 10 отсто на 5 отсто. Но, како што можеме да видиме нема ништо од тоа. Од расходна страна, падот повторно е алармантен кај Бруто-инвестициите. Имено во првиот квартал од 2018 година, Бруто-инвестициите забележуваат пад од 9 отсто, со што продолжува политиката на деинвестирање, својствена за СДСМ, објаснува Мицкоски, кој кажа дека исполнувањето на капиталните инвестиции од само 7,4 отсто во првиот квартал од 2018 година придонело јавната потрошувачка негативно да влијае врз БДП, односно да забележи пад од 1,4 отсто – прецизираше Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top