среда, 20 јуни 2018 | Вести денес: 1 ново

Болните од рак сами си купуваат терапија- Битолската болница останала без лекови

Пациенти болни од рак останаа без терапија во Клиничката болница во Битола. Од Лигата за борба против ракот велат дека пациентите морале сами да ја купуваат скапата терапија, а најголем проблем е за оние кои финансиски не можат тоа да си го дозволат. Од ова здружение побараа преземање итни мерки за решавање на проблемот.

-Пациенти кои имаат финансиска можност ги набавуваат лековите, а потоа се малтретираат и ги рефундираат средствата преку фондот. Но, голем број пациенти кои не се во финансиска можност да ги обезбедат лековите, чекаат по неколку месеци, а со тоа здравјето на пациентите се загрозува, а исто така и бројот на смртните случаи се зголемува, изјави Стојан Стојановски, Лига за борба протв ракот Битола.

Од битолската болница објаснуваат дека проблемот е во планирањето.

-Последниот тендер е направен во времето на претходниот менаџерски тим и испланирани биле 360 ампули кои за првите шест месеци биле потрошени. Значи проблемот е во планирањето на ампулите. Затоа овој менаџерски тим го согледа проблемот и веќе од понеделник веќе ќе ја имаат својата терапија, изјави Сузана Коневска, портпарол на Клиничка болница Битола.

Од Службата за онкологија во Битола велат дека се работи за 100 ампули за 4 пациенти. Велат, последните две недели не постоел друг начин за земање на лекот освен да го купат заради континуитет на терапијата.

-Клиниката за онкологија и радиотерапија од Скопје рекоа дека ќе ни дадат позајмица за планираната терапија за 4 пациенти кои редовно го примаат тој лек, изјави д-р Рената Раденков, раководител на Службата за онкологија и палијативна терапија Битола.

Фондот ги рефундира средствата од купената терапија, но пациентите се жалат дека тој процес може да трае и неколку месеци.

сител.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top