петок, 17 август 2018 | Вести денес: 19 ново

Апарати ќе се фрлаат за Филипче да додели 30 милиони евра на грчко – албанска компанија?

Продолжува скандалот со централизираната набавка на апарати, тестови и реагенси во јавните здравствени установи која чини над 30 милиони евра, пишува Лидер.

Според најновите неофицијални сознанија коj ги има Лидер, набавката ќе оди преку албанска фирма со грчки газда, кој ќе добие целосен монопол над пазарот со реагенси и тестови во лабораториите на јавните здравствени установи.

Неофицијално дознаваме дека компанијата која ќе го добие тендерот од Министерството се вика „Пегасус“ а истражувачката група на Лидер откри дека апаратите ќе бидат од производителот АБОТ уште на 2о април оваа година, затоа што спецификацијата е буквално ископирана од спецификацијата на производителот АБОТ. Во овој бизнис, апаратите одат гратис, а реагенсите ги плаќаат болниците. Така што, какви апарати ќе се набават и реагенсите мора да бидат од истиот производител.

Според тврдењата на лекарската фела, оваа набавка со која ќе се стават надвор од функција голем дел од постоечките апарати, а испитувања ќе се прават само во неколку центри во Македонија, целосно ќе го блокира системот на лабораториски и имунолошки испитувања.

На нозе се кренаа и лекарите, од Македонското лекарско друштво бил свикан итен состанок за набавката, покажува поканата до која стигна Лидер, а повеќе детали за состанокот ќе откриеме во вториот дел од ова истражување, во кое ќе бидат објавени и дополнителни информации околу набавката.

Инаку, целата централизирана набавка на реагенси за лабораториите на Јавните здравствени установи ќе чини над 30 милиони евра – покажува “техничкиот дијалог“ кој го води Министерството за Здравство пред да го отвори тендерот, кој го анализираа експерти кои ги ангажираше Лидер.

Кога нашиот тим на истражувачи во ексел табела ги собра сите реагенси по пазарни цени понудени за Лидер од една светска компанија, излезе дека тие ќе чинат околу 30 милиони евра, а овие пари, според техничкиот дијалог ќе ги добие само една фирма!

Ова според експертизата на истражувачите на Лидер е небулозно и детектира корупција, затоа што се работи за набавка на реагенси за 7 различни анализи кои воопшто не се поврзани меѓу себе, а нив ќе ги набавува само една фирма.

До сега секоја болница сама си набавуваше реагенси и имаше десетина компании кои беа активни на пазарот, но откако минатиот месец министерот Венко Филипче им забрани на болниците сами да набавуваат реагенси за нивните лаборатории, се отвора голем скандал, затоа што сега парите ќе ги добива само една фирма, а нив нема да ги плати министерството туку болниците и тоа за апарати кои во најголем дел од случаите нема да бидат исталирани во нивните болници туку болниците само ќе ги користат.

Условите вметнати во тендерската документација за набавка на апарати кои ќе работат со овие реагенси, прецизно го дефининираат брендот на апарати кој ќе се користи а е увезуван само од една компанија, која доколку техничкиот дијалог не се измени и стане тендер – ќе добие целосен монопол на пазарот со реагенси во Македонија.

Со утврдувањето на апаратурата, која во ваквите набавки доаѓа гратис поради тоа што се плаќаат само реагенсите, јасно е кој ќе го добие тендерот за реагенси и ќе ќари 30 милиони евра тендер. Токму на овој начин, ние успеавме да стигнеме до комапнијата која е фаворизирана од Министерството.

Старите апарати кои се користат во моментов, ќе се стават надвор од употреба, иако најголем дел од нив се функционални и не се долго користени, а новите ќе бидат исталирани на помалку места од претходно и компанијата добитник на тендерот ќе биде задолжена низ Македонија да ги транспортира примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализиж.

-Ова ќе создаде дополнителен хаос во здравството, затоа што, доколку се анализира техничкиот дијалог за тендерот, излегува дека овие тестови ќе се транспортираат само еднаш дневно. Во болниците има итни случаи за кои е потребно итно да се направи тест, со ова ќе треба да се чека до наредниот ден. – велат за Лидер директори на јавни здравствени установи во кои сега нема да има апарати за анализи.

Според документот од техничкиот дијалог, компанијата која ќе го добие тендерот за реагенси, ќе биде должна да спроведе транспорт на примероците од крв до 14 часот назад во лабораториите.

-Што ќе правиме доколку во Гостивар попладне се случи некаков итен случај со родилка и потребно е итно испитување на хормони? Според ова што го предлага Филипче, процедурата ќе биде таква да се чека до следниот ден во десет ипол да се земе крв па подоцна да се транспорира назад – вели за Лидер, директор на здравствена установа кој сака да остане анонимен.

Наместо во цела држава, имунолошки анализи ќе се прават само во 3 болници

Во моментов во скоро сите болници во Република Македонија се прават имунолошки анализи (околу 85 болници), но со новиот тендер, кој е во фаза на подготовка, ќе се набават само 3 апарати кои ќе работат за цела држава, а останатите ќе бидт ставени надвор од функција.

Овие три апарати најверојатно ќе се стават во големите центри низ Македонија, како Скопје, Битола, Охрид или Штип, а до таму, компанијата добитник на тендерот ќе ги носи примероците на крв. Цената на транспорт не е внесена во пресметката на Лидер, но, доколку се додаде, таа дополнително ќе ги зголеми овие 30 милиони евра, кои ќе се издвојат само за реагенси и ќе ги добие една компанија.

Експертите кои ги ангажираше Лидер да ја погледнат техничката спецификација за бараните апарати, велат дека во самата подготвителна форма е опшишан точниот модел на апарат кој ќе се набави за имунолошки анализи, затоа што податоците се практично копирани од спецификациите на апаратот..

-Зошто се ставени токму точните статистики на овие апарати? Ова треба да се одговори. Постајат десетина типови на вакви апарати, кои се по различни цени, сите ја прават истата анализа, но доколку се погледнат спецификациите, таму има и детали кои не се ставаат во тендери, фали да му се стави уште името на апаратот. – велат експертите, ангажирани да работат на истражувањето на Лидер за овој тендер.

Моделите на апарати се ABBOTT ARCHITECT i2000SR и ABBOTT ARCHITECT i1000SR, нив во Македонија ги увезува само една компанија која и е позната на редакцијата на Лидер. Но, затоа што сеуште се работи за технички дијалог а не за официјален тендер, името на компанијата нема да го откриеме за да не ги нарушиме нејзините корпоративни позиции.

Набавката на реагенси само за овие три апарати, кои се наменети за имунолошки анализи, според пресметките на експертите кќе чини околу 10 милиони евра.

Истиот бренд и истиот добавувач со други негови брендови се фаворизирани и во спецификациите за тестови и реагенси за биохемиски анализатори, имунолошки анализатори, хематолошки бројачи, поуавтоматски коагулациски анализатори, анализатори за гасни анализи и портабл анализатори за итни анализи.

Во моментот кога овие спецификации ќе станат официјален тендер и официјално ќе се фаворизираат апаратите на оваа компанија, Лидер ќе го објави називот, сопственичката структура и поврзаноста на фирмата со власта, затоа што тогаш тоа ќе стане прашање од јавен интерес.

Како што дознаваме, во целиот овој монопол со реагенси кој според документацијата, сака да го креира Филипче, вмешан е еден познат доктор од Скопје кој сега води и поседува голема веледрогерија. Нашите извори брифираат дека докторот е во корелација со компанијата која ќе го добие тендерот. Повеќе детали околу ова, ќе објавиме во моментот кога тендерот ќе излезе од рамката на “технички дијалог“ и ќе стане тендер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top