вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 36 ново

Заврши шестото издание на Фестивалот „Про-за Балкан“

Многу ми е жал што не сум во можност овие редови, кои најверојатно ќе беа поинакви ако бев на „самото место“ – да ги прочитам лично, но низа околности во последен час ме спречија да дојдам во Скопје, на што се радував, помалку поради наградата, а многу повеќе поради средбите со моите тукашни пријатели и колеги по перо, кои, за жал, ги пропуштив – напиша добитникот на наградата „Прозарт“, Светислав Басара, во својот говор по повод доделувањето на наградата. Со силни мисли за убавината, синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје беше затворено 6. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

– Многу работи влегоа во апсурдна фаза во овој свет кој повторно се враќа на сликовното писмо – посочи Басара, кому наградата ќе му биде врачена во Белград, веднаш по заздравувањето.

Кус осврт за неговиот опус даде уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

Модераторката Ана Јовковска прочита извадок од култниот роман на Басара, „Фама за велосипедистите“.

– Тоа што го издвојува Басара од сите претходни добитници на „Прозарт“ е што тој е најплоден. На свои 27 години кога излезе „Фама на велосипедисти“, Басара веќе имаше два романа. Тој роман е сложено диво дело. Тоа не беше само дело на новиот бран, ами нешто многу индивидуално што во српската богата книжевност го немаше. Басара е нескротлив автор и му посакуваме таков и да остане – истакна Прокопиев.

Фросина Пармаковска

Секој од авторите гости на фестивалот прочита извадоци од свое дело на јазикот на кој твори. Писателите Лејла Каламујиќ, Ајфер Тунч, Фросина Пармаковска, Роберт Перишиќ, Јуриј Хулодин имаа можност да се дружат во изминатите три дена.

Ајфер Тунч

– Сите знаеме дека Достоевски рекол дека убавината ќе го спаси светот. Некои од нас знаат дека Блаже Конески рекол, односно испеал – „Убавино, ти ме заморуваш веќе!“ А јас баш би сакал да беше можно да присуствувам на разговор на нив двајца, на оваа тема. А којзнае, можеби сите ние го водевме тој разговор овие неколку дена. За тоа им благодарам на гостите и на тимот на „ПРО-ЗА Балкан“ – истакна директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top