сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 33 ново

Објавена збирката раскази „Тајното братство на носталгичарите“ од Томислав Османли

Под насловот „Тајното братство на носталгичарите“, деновиве излезе од печат уште една збирка раскази на Томислав Османли.

Станува збор за богат избор од кратки и долги прози на писателот познат како автор и на скопски теми. Еден од тие раскази во кои се открива авторскиот носталгичен пристап, и’ го позајми насловот на целата книга која вклучува триесет и еден расказ.

Во преговорот „Нестивната носталгија“ писателот и издавач Глигор Стојковски, бележи: „ Не можат многу македонски писатели да се по­фа­лат со повеќе изданија на своите книги. И не се многу кни­­­гите од македонски писатели, за жал, за кои чи­та­те­лите покажуваат (по)долго, несмалено  интересирање. Рас­казите на Османли, но и романите, се изборија за овој привилегиран статус. Со прекрасниот книжевен јазик, се разбира, со изборот на темите, со модерното рас­кажување…  Со  поетиката на поигрување со вре­ме­то и просторот која ја негува, доследно и успешно (во рас­казите во „Каприча“ и не само во нив, во романите „Двае­сет и првиот“, „Зад аголот“, во дистопијата “Бро­дот. Конзархија“… ) со која сѐ започна, токму со првич­ни­те враќања во минатото, со носталгијата за ми­на­то­то време, на Градот и векот. Времето-прос­то­рот, ми­на­ти­от век и загубениот и книжевно пронајден Град од ми­на­тото, се фундаменталните хронотопи, полето на кое Османли продолжи да гради книжевни игри низ вре­ми­ња­та. “

Книгата „Тајното братство на носталгичарите“ објавена како 23та книга во изклучителниот авторски избор од библиотеката „Збор по збор“ на книгоиздателството „ВиГ Зеница“, содржи прози со лирични и драматични чувствувања на луѓето и на ликот на предземјотресно Скопје, куси или поопсежни прозни посвети на едно исчезнато време и сосем изменет поростор, раскази исполенти со ведрата колоритност, со надежите, љубовите и разочарувањата, главно на малите луѓе од некогашниот град; а во продолжение, и теми од холокаустот над скопските Евреи, како и прозната фантазијата „Корто Малтезе  во скопската чаршија“, најновата проза на Османли. Тоа е еден од двата расказа, посветени на полуларниот стрип јунак и вградени во по една во двете најнови прозни збирки на Османли.

Најновата објава го вклучува аналитичкиот поговор на Проф. Д-р Весна Мојсова Чепишевска насловен „Скопје – имлицирана семиотика на средиштето“ во кој авторката ги открива медитеранските здивови и универзалистичката колоритност во скопските прози на Османли, и меѓу останатото, пишува: „Како му успеа на Османли да го направи Скопје сре­диште на светот? Или како средиштето на светот го помести и го смести токму во Скопје? Како сувоземното Скопје воспоставува врски со далечното море, како тоа Скопје создаде и остава траги на некаква нејасна, но упор­на желба одредени слики да се поврзат со меди­те­ра­низмот? Тоа се прашањата кои провоцираат од овие приказни од Скопје. (…)“

 За дела од сценаристичкото и театарско творештво, како и за своето прозно творештво кои за тема го имаа минатото и сегашноста на Градот, Томислав Османли дури два пати, во 1987-та и потоа во 2002-та година, беше прогласуван за добитник на Наградата „13 Ноември“ кое ја доделува Собранието на градот Скопје.

Неговата книга „Тајното братство на носталгичарите“ беше еден од проектите избрани и финансиски поддржани на конкурсот за уметнички творби и други проекти од културата, што кон крајот на минатта година го распиша, и годинава го реализира Собранието на Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top