недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 59 ново

Груевски: Сите процеси против мене се апсурдни

За случајот „ТНТ“ поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вели дека станува збор за класична дивоградба за која инвеститорот добил градежна дозвола. Тој во ТВ дневникот на Сител појанси:

-Тој требал да изгради три нивоа подземна гаража. Кога дошле до второто ниво излегла вода и сфатил дека ќе треба дополнителни околу два милиони евра да инвестира. Сметајќи на својот политички ангажман, ценел дека ќе го среди тоа некако политички и дал насока да не се гради третото ниво. Подоцна, откако се открива случајот тој самиот го признава, затоа што доставува до општината барање во кое што вика „Ве молам да ми го преправите од -3, значи три нивоа под земја, на -3“. Самиот си признава дека изградил дивоградба.

Потенцира дека тој лично ја донел одлуката, туку станува збор за локален случај за кој одлучуваат општините, или во овој, општина Гази Баба.

Немаат поинаков начин како да постапат, имаат правилници. Тоа е процедурата, вели почесниот претседател на ВМРО-ДПМЕ.

Вели дека во спротивно, во иднина кога ќе се отвори ревизија ќе се види дека општинскиот работник направил кривично дело.

Во однос на случајот „Титаник“, Груевски потенцира дека е обвинет за редица непостоечки, како што рече, измислени работи поврзани со т.н. создавање на злосторничко здружение, повреда на избирачките прави и финансирање на партијата.

Тој вели дека не постојат никакви докази за такво нешто.

-Ниту има материјален доказ, ниту имаат сведоци против мене, дури ниту во оние креирани разговори нема такво нешто кое што може да го поттикне тоа тврдење, рече Груевски.

Во однос за случајот со протестите во општина Центар, почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ вели дека обвинет за поттикнување насилство, односно удирање на „шамари“.

-Ниту шамари постоеле, ниту биле удрени, ниту се случило нешто. Но еве, веќе година дена ме влечкаат по судови во еден апсурден случај, рече Груевски.

Тој смета дека сите случаи на Специјалното јавно обвинителство во кои тој е обвинет се слични на случајот „Тенк“. Според него, станува збор за политички мотивирани процеси.

-Најеклатантен е примерот кај случајот со патиштата, т.н. „Траекторија“ каде што се создава едно широко распространето мислење дека таму сум земал провизии, за поткуп, а всушност обвинет сум за истото како во „Тенк“, вели Груевски, појаснувајќи дека обвинет е зашто сакал да оствари политичка корист, односно затоа што сакал патиштата да се завршат пред редовните избори и да се стекне со корист кај гласачите.

Вели дека тоа е апсурдна ситуација, додавајќи дека улогата на еден политичар и премиер е да гледа побрзо да се завршуваат проектите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top