понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 88 ново

Села до Ахмети: Подготвен сум за дуел, одбери време и место!

И Албанците сакаат лидерски дуел, за последен пат дуел меѓу лидерите на албанската позиција и опозиција во Македонија, Али Ахмети и Арбен Џафери, се случи во 2006 година.
Откако премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски седнаа на иста маса и јавно дебатираа за многу прашања, Албанците во Македонија се сè погласни во барањата да има иста дебата меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети со лидерите на албанската опозиција, Зијадин Села и Билал Касами.

Последната дебата меѓу албанската позиција и опозиција се случи во март 2006 година кога токму лидерот на ДУИ, Али Ахмети, излезе на телевизиски дуел со лидерот на тогашната опозициска партија ДПА, покојниот Арбр Џафери. Албанците веќе 12 години чекаат Ахмети пак да се согласи на дуел каде што јавноста ќе може јасно да процени чии политики да ги поддржи.

„Независен весник“ во врска со ова очекување ги контактираше првите луѓе на Алијансата за Албанците. Оттаму изјавија дека нивниот лидер Зијадин Села е подготвен во секој момент на која било телевизија да излезе на јавна дебата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Алијансата за Албанците, односно лидерот Зијадин Села е подготвен во секој момент да излезе на телевизиско соочување со Али Ахмети. Лидерот на ДУИ нека одбере кога и каде сака тоа да се реализира. Зијадин Села е подготвен за дуелот со Ахмети“, порачаа од Алијансата за Албанците.

Всушност, не е ништо ново ни првпат лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, да го повика Ахмети на телевизиски дуел. Села во неколку наврати упати јавен повик не само до Ахмети туку и до лидерот на сега веќе партијата на власт, ДПА и нивниот лидер Мендух Тачи, да се соочат и отворено да зборуваат за проблемите што ги мачат граѓаните во Македонија.

Дел од политичките аналитичари во земјава го поздравија јавното соочување на Заев и Мицковски и сметаат дека е крајно време и Ахмети да седне во истото телевизиско студио со лидерите на албанската опозиција.

Албанскиот аналитичар Ќенан Алиу смета дека и да се реализира тој телевизиски дуел, се плаши дека ДУИ нема што да им каже на Албанците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top