среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 3 ново

Холивудскиот „монструм“ Вајнстин обвинет за силување

Озлогласениот холивудски продуцент Харви Вајнстин е обвинет за силување на две жени во судот во Њујорк. По откривање на големата афера за сексуално злооставување од десетина актерки и жени од Холивуд конечно филмскиот могул е изведен пред суд.

Вајнстин во судот во Њујорк беше доведен со полициска придружба врзан во лисици. Ваквиот чекор на правосудните органи предизвика лавина реакции во Холивуд и голем број на жени кои тврдат дека се жртви на Вајнстин се надеваат дека конечно правдата ќе биде задоволена.

„Господинот Вајнстин секогаш тврдеше дека неговите сексуални активности се консензуални. Многу од овие обвинувања се застарени, и се тврди дека се сторени пред многу години, но никогаш не биле пријавени во полиција. Очекувам дека по вкрстеното испрашување на жените тужители дека нема да има осудителна пресуда, ако поротата е составена од фер луѓе кои не се под влијание на движењата кои се ставија над овој случај“, изјави адвокатот Бенџамин Брафман.

Против Вајнстин се води и федерална истрага за останатите сомнежи за силување на актерки, сексуална злоупотреба, мобинг и малтретирање, како и криминал во неговата компанија. Тој е пуштен во домашен притвор со кауција од 1 милион долари, а одземен му е и пасошот.

Актерката Роуз Мекгован беше една од првите кои јавно проговори за траумите со Вајнстин за кого вели дека ја силувал на само 17 години.

„Имам долгогодишна траума нанесена од страна на овој човек. Тој секогаш беше присутен секаде каде што бев. И ова утро кога го видов неговото лице на телевизија, уште пред да се дознае дека ќе биде обвинет се обидував да го сокријам шокот. Но, никогаш не престанува ужасот, не престанува да биде неподносливо“, изјави актерката Роуз Мекгован.

Ѕвездата на 90-тите години Ешли Џад тврди дека Вајнстин се однесувал како монструм и дека тој е виновен што нејзината филмска кариера била уништена.

Над 70 жени досега пријавија дека биле негови жртви. Тој беше отпуштен од продуцентската куќа, а истата прогласи банкрот.

Судењето против Вајнстин ќе започне во средината на јули, а дотогаш постои можност обвиненијата да бидат проширени со останатите жртви кои јавно проговорија за злоупотребите.

Овој скандал на крајот на минатата година беше инспирација за женските движења Ме Тоо и Times Up кои овозможијљ жените без оглед од која професија доаѓаат гласно да проговорат за неправдите, злоупотребите, нееднаковста и притисокот кои ги трпат од мажи на моќни позиции кои делуваат како сексуални предатори за кои не важат законите.

Филмовите на Вајнстин добива Оскар награди и заработуваа стототици милиони долари во кино салите ширум светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top