петок, 17 август 2018 | Вести денес: 24 ново

Анализа: Поповски – жртва на политичка одмазда

Анализа: Поповски – жртва на политичка одмазда

МВР веќе 10 години ги користи возилата набавени набавени на тендер во 2008 година за кои што е отворен предметот „Триста“. Со нив се вршат увиди, се реализираат претреси, се врши обезбедување и сите останати полициски задачи. Според информации од полицијата, дел од овие возила во почетокот биле позајмени и користени за потребите на Специјалното јавно обвинителство.

Ѓоко Поповски ниту ги присвоил, ниту пак со нивната набавка за себе присвоил некаква материјална корист. Сепак Добрила Кацарска процени дека Ѓоко Поповски мора да врати 500 000 евра за овие возила, а згора на тоа да лежи и казна затвор во времетраење од 9 години. Заедно со предметот Тенк, во само два дена, Добрила Кацарска му изрече пресуда во времетраење од 15,5 години на помошник министер кој ниту прибавил имотна корист за себе или некој друг, ниту пак направил реална штета со оглед на тоа што набавените возила се во сопственост на државата и се користат од институциите.

За споредба, истиот суд на терористите и убијци изрекува поблаги казни. Четворица од обвинетите  од Диво Насеље кои убија осуммина припадници на безбедносните сили и повредија уште десетици им се изречени казни од по 13 и 14 години затвор. За нив нема оштетно побарување, иако материјалната штета беше десетици милиони евра. За нив дури и се најавува ревизија на предметот, додека за Ѓоко Поповски поддржувачите на Заев врескаат барајќи уште построга казна.

„Тоа што МВР се чувствува оштетено после 10 години возење на набавените возила, е само еден типичен израз на политичка одмазда кон сите кои биле некакви функционери од претходната политичка гарнитура. Тоа не е право, тоа е најобична дискриминација поради таквата припадност и за жал и СЈО потпадна под таквиот став иако очекувањата на јавноста беа сосема подруги. Затоа предлагам судот да донесе одбивателна пресуда ако го прифати ставот на одбраната дека СЈО не е овластен тужител или ослободителна пресуда затоа што јавниот обвинител не докажал надвор од разумното сомневање дека обвинетиот го сторил делото за кое се обвинува.“ изјави неговиот бранител во завршните зборови.

Поповски во притвор заради сеење страв

Ѓоко Поповски, иако редовно се повикуваше на сите судски покани, иако никогаш не изјави дека не го почитува судот, иако претходно не е осудуван, иако има нарушена здравствена состојба и се грижи за неподвижна мајка и не поседува никаков имот во странство, со одлука на кацарска се најде во протвор. Судечкиот совет му го определи притворот и покрај тоа што законот предвидува дека одлуката за притвор треба да ја донесе кривичниот совет, а не судечкиот по предметот.

За споредба, обвинетите во предметот Монструм, од кои Африм Исмаиловиќ и Алил демири сеуште се во бегство на Косово, се бранат од слобода за масакрот кај Смилковското езеро. Според Основниот суд, Ѓоко Поповски е поголема закана од лицата обвинети дека брутално егзекутираа 5 момчиња на Велики четврток.

Кои беа аргументите на одбраната за ставот дека се води политички процес?

На 26.08.2008 година комисијата извршила јавно отварање на понудите, и по извршената евалуација и консултација со представници од службите кои требаше да бидат корисници на овие автомобили, на 17.09.2008 година донела извештај од спроведената постапка, со предлог за избор на најповолна понуда. Притоа, освен економски најповолната понуда, комисија сугерирала дека е потребно да се изврши набавка со примена и на вториот критериум, со избор на различни видови на ПМВ од различни модели и производители имајќи го во предвид карактерот и содржината на службените задачи и обврски ( конспиративност, доверливост, сигурност).

Постапувајќи по  извештајот и предлогот за избор на најповолни понуди донесен од комисијата за јавни набавки, Поповски носи одлука за избор на најповолна понуда. Што друго можел да стори Поповски во врска со оваа одлука? Комисијата за јавни набавки одговорно и целосно си ја извршила својата работа. Таму работеле стручни лица номинирани од раководителите на  идните корисници на возилата, како и искусни професиналци од неговата служба, специјалисти за јавни набавки, а  тие ја сугерирале и примениле и одредбата од неговата одлука за јавна набавка која се однесува на делливоста на набавката внатре во лотовите.

Сите членови на комисијата за јавни набавки со сведочеа дека ја донеле најдобрата одлука, без никој да им се меша при одлучувањето. Имаше многу логикаво објаснувањата дека 120 “Фиат линеи“ или 150 “Опел астри“ќе привлечат внимание и ќе бидат синоним за цивилни полициски возила. Ги споменаа негативните искуства со препознатливите цивилни полициски возила  во Македонија, но и во странство. Од друга страна, напоменаа дека од корисниците добиле барања и за караван возила, за возила кои се моноволуменски или пак седани со одвоен багажен дел.

Поповски одлучил на барање и во полза на полицијата
Во таков еден амбиент Поповски ја донел одлуката за избор на најповолна понуда во која било целосно прифатен предлогот на комисијата за јавни набавки. За оваа одлука биле известени сите понудувачи за целиот избор. Еден од понудувачите кој воопшто не бил рангиран поднел и жалба со која ја нападна одлуката воопшто да небиде рангиран, но и одлуката да се врши поделба на изборот внатре во секој лот. Одлуката на  комисија за жалби по јавни набавки при владата на РМ беше дека жалбата се одбива како неоснована и дека постапката е спроведена со доследна примена на одредбите на Законот за јавни набавки. На тој начин,  единствениот надлежен орган за оцена на законитоста на постапката ја потврди истата и дала конечен легитимитет на одлуките на Комисијата за јавни набавки и на одлуките на Ѓоко Поповски.

Со оваа одлука, на обвинетиот  му се даде зелено светло да отпочне со склучување договори со избраните понудувачи и да се продолжи со реализација на набавката, која и беше во следните неколку месеци реализирана со предавање на возилата, а во следните 36 месеци со плаќањето на возилата на добавувачите.

На тој начин се реши еден горлив проблем за нормалното функционирање на МВР со успешен модел на плаќање, а се во рамките на предвидениот буџет за  таа намена.

Клиентелистичкиот суд гледа „злоупотреба“ без намера и без материјална корист

Заклучокот е јасен. МВР добило возила кои и да биле нешто поскапи, вределе за својата цена, возила кои реално му биле потребни, возила од разни модели и изведби, такви возила какви биле побарувани од корисниците и кои биле евидентирани како потребни. Затоа МВР ги набавило и платило  возилата кои му биле реало неопходни и кај МВР не може да постои штета. На пример, за МВР непходни биле караван возила за увидните екипи да ја превезуваат полесно својата опрема, па 30 такви возила и се набавиле иако тие возила биле нешто поскапи од обичните  седан или хечбек возила кои се нуделе на тендерот. Не треба посебно да се објаснува дека далеку по практични за таа намена биле набавените караван возила, од возилата “опел астра“. Исто така, сосема разбирливо и логично е дека на службите на МВР им требале разни видови на возила за да не бидат препознатливи како цивилни полициски возила, па затоа се купени разни модели и марки на возила.

СЈО тврди дека се привилегирале продавачите на возилата кои не биле прворангирани, но не се вели дека на нив им била прибавена имотна корист. Во обвинението не се тврди и дека на  прворангираните продавачи на возила им била нанесена штета. Тие всушност во текот на постапката и не кажаа дека им е нанесена штета и дека предјавуваат имотно правно побарување.

Сето ова води кон правната анализа и испитувањето дали во дејствијата на обвинетиот се содржани елементите на кривичното дело “Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од КЗ.

Така, на прв поглед се забележува дека кај обвинетиот не постои умисла за сторување на кривичното дело. За постоење на ова кривично дело треба кај сторителот да постои директна умисла. Не се докажа дека кај обвинетиот постои намера со донесувањето на одлуката за избор на најповолна понуда во овој тендер, на МВР му нанесе штета. Поповски го прифаќа ставот на професионалците од комисијата за јавни набавки, многу покомпетентни од него за процена на реалните потреби на организационите единици во МВР, за видовите на возила.

Во теоријата е познато дека службената положба е искористена кога службеното лице ги користи службените овластувања делувајќи спротивно на потребата и интересите на службата за да оствари некој свој или туѓ интерес. Поповски не делувал спротивно на потребите и интересите на службата и не остварил ниту свој ниту туѓ интерес.

Затоа во неговите дејствија не се содржани елементите на кривичното дело “Злоупотреба на службената положба и овластување“. Ставот на обвинителството по повод постоењето на елементите на ова кривично дело е погрешен и не навлегува во суштината на ова кривично дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top