среда, 20 јуни 2018 | Вести денес: 1 ново

Словенечката претстава „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ го отвора ДАФ во Кочани

Со словенечката претстава „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија, во понеделник на 28ми мај, со почеток во 19 ч., стартува официјалната програма на 55от Драмски Аматерски Фестивал во Кочани. Фестивалот годинава носи 16 аматерски претстави од исто толку ансамбли и една професионална, скопската хит комедија „Чао Пријатно“ на театар „Чао Пријатно“ која ќе го затвори ДАФ на 02 јуни во сабота.

Под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“,  55тото издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформански, театар на сенки…

„Посебна гордост годинава ни е гостувањето на словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник попознат како поранешен фронтмен на сега веќе култниот Југословенски рок бенд од 70тите и 80тите „Булдожер“.  Брецељ доаѓа во четврток на 31ви мај, заедно со словенечкиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е Мртов“ (Punk is Dead). Уште еден настан кој е посебен за кочанската публика, е премиерната промоција во родниот град на Тошо Филиповски на капиталното дело „Македонска Рок Енциклопедија“. Настанот ќе се случи во петок, на 01 јуни со почеток во 21:30 ч“, вели М-р Дарко Спасов, новиот претседател на фестивалот..

ДАФ годинава од НУЦК „Бели Мугри“ се шири во прекрасното предворје на домот на културата, градскиот парк или „Паркот на Револуцијата“. Таму, тридневен ликовен перформанс насловен „Планеризам“ ќе има уметникот Орхан Ќамилов, Марија Манева ќе има работилница за смола и глина, професорката Зоја Бузалковска заедно со Степанулески Александар ќе водат три дневна  актерска работилница. Музичкиот дел ќе биде обединет под настанот „Револушн Фест“, конципиран како 5 дневен феситивал под отворено небо на кој ќе настапат скопскиот џез состав „Летечки Пекинезери“, Васко Атанасоски, диџеј Гоце САФ, „Брас Брадрс“ (Brass Brothers), Dj Master G а наскоро ќе бидат објавени и дополнителни настапи.

Во Кочани пристигнуваат над 210 учесници од 16 театарски групи од кои две доаѓаат надвор од Македонија: културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија и Аматерската Театар „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље – Република Србија. Од Македонија учествуваат Младинска сцена при Интимен Театар од Битола, СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, Драмското студио „Карло Голдони“ од Дебар, Малдинското драмско студио „Прличко“ од Велес и други.

„Тоа е Фестивал во којшто искрено се негува љубовта кон театарот. Речиси и да не постои човек кој се занимава со театарот во каква било форма, како режисер, актер или сценограф, којшто не почнал на оваа манифестација. И сите актери, режисери и други театарски работници со особена топлина се сеќаваат како почнале во Кочани. Некои од нив во 1960-те, други деценија подоцна и така со ред“, вели Спасов.

Фестивалот ќе додели награди за најдобра главна и споредна машка и женска улога, најдобра режија, специјална награда и главната – Гран При, за најдобра претстава на фестивалот во целост.

Изборот на претставите за 55тиот ДАФ го направи актерката Јасмина Билаловиќ, жири се актерите Горан Стојановски и Наталија Тодосиевска и драматургот Билјана Крајчевска а водител на разговорите ќе биде новинарот од Македонското радио, г. Тодор Кузманов.

Влезниците за претставите чинат 50 денари, а ќе има и дневни влезници по цена од 80 денари за двете вечерни претстави, и фестивалски по цена од 450 денари за сите 16 претстави. Влезницата за претставата „Чао Пријатно“ која ќе го затвори фестивалот ќе чини 150 денари и можат да се најдат во предпродажба на билетарата во НУЦК „Бели Мугри“, Комисион Шишко и кафе „Гала“ во Виница.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top