четврток, 21 јуни 2018 | Вести денес: 80 ново

Бугарскиот „чистач“ на македонската историја Ангел Димитров ги испорача условите за поддршката кон ЕУ

Бугарскиот предводник во заедничката работна група која треба да ја чисти македонската историја, од „идеолошките примеси и заблуди“ во однос на улогата на Бугарија во македонската државност и самостојност, Ангел Димитров, речиси секојдневно за бугарските медиуми ги изнесува „заблудите“ на Македонија и „вистината“ за улогата на Бугарија на овие простори.

За разлика од него и бугарската пропагандна машинерија, кај нас никој од членовите на работната група не излезе со било каков став, како ќе пристапат во овие разговори и која е „црвената линија“ во чистење на нашите историски учебници.

Претседателот на македонската комисија д-р Драги Ѓорѓиев, директор на Институт за национална историја и член на МАНУ, не е познат за пошироката јавност, а досега нема дадено изјава околу преговорите со бугарската комисија.

Од друга страна, поранешниот амбасадор на Бугарија во Република Македонија , историчарот Ангел Димитров, за бугарската јавност многу детално ги образложува сите „заблуди“ на македонската страна, а неодамна во интервју за бугарски „Дневник“, експлицитно наведува дека ако нема договор за историска катарза во македонските учебници, нема да има и поддршка од Бугарија за Македонија за евроатлантските аспирации.

За опасноста и последиците од Договорот за добрососедство со Бугарија, ако може така веќе да се нарече, во својата последна колумна „Хаубици од Бугарија“, за Дојче Веле укажува и новинарот Љупчо Поповски. Тој вели:

Кога шефот на бугарскиот дел од мешовитата историска комисија вели дека партизанските единици и народната војска во Втората светска војна броеле едвај 1.000 до 1.500 души, тоа е лоша најава за соочување со фактите“.

Во продолжение ви пренесуваме поголем дел од интервјуто на историчарот Ангел Димитров, за бугарскиот весник „Дневник“:

Прашање:Кои се основните проблеми од историјата кои ќе ги ставите за разгледување на маса? Кои митови ќе се обидете да ги отворите?

Ангел Димитров: Не сме се сретнале со македонските колеги, не ги знаеме нивните гледишта за текот на разговорите. Па затоа е премногу рано да се влезе во конкретни работи што може да ја попречат работата во иднина.

Се разбира, имаме идеи, но тие не се нешто завршено и конечно.

Јас целосно го разбирам интересот за оваа тема, тоа е оправдано бидејќи темата е исклучително важна. Најмалку затоа што стотици илјади Бугари се роднински и крвно повразани со Македонија. И не помалку се оние чии роднини ги оставија коските во Македонија за време на Првата светска војна. Ако земеме чисто од политичка гледна точка, конфигурацијата на Балканот се промени со распадот на Југославија и појавата на Република Македонија како независна држава.

Значи, за нас како историски, така и современи политички гледано, ако сакате и емотивно, Македонија како субјект и Република Македонија како соседна држава остануваат важно прашање. Бидејќи проблемите акумулирани во текот на годините поради антибугарските митови и стереотипи создадени во времето на Југославија и доктрината на македонизмот, и понатаму се пречка за целосна билатерална комуникација.

П: Кои теми, општо, ќе бидат предмет на разговор?

Ангел Димитров: Ќе ви укажам на исклучително важен тематски круг, кој има директно значење за интерпретацијата на минатото, за кое мислиме дека е заедничко минато. Овој спектар на прашања е во центарот на доктрината на македонизмот и го попречува нормалниот развој на односите меѓу Бугарија и Република Македонија, меѓу луѓето од двете страни на границата. Станува збор за генезата и патот што е преминат на создавање на модерни нации – се верува дека македонскиот народ постои и има основа за таков идентитет. Но, ние треба да размислуваме, да дискутираме и да видиме како да најдеме прифатливо објаснување за овој процес. Историјата како наука започнува од фактите и нивното толкување, но тоа не значи дека секој може слободно да ги толкува фактите, според желбата, според политичките околности и некои групни интереси.

Кога зборуваме за генезата, треба да знаеме дека во современата Македонија постои неизвесен идентитет, поради неколку луѓе кои ја создаваат генезата за постоење на македонска нација.

По 1944 година беше силно наметната тезата дека Македонците се посебен словенски народ, кој секогаш бил нешто самостојно, отсекогаш бил нападнат и асимилирани од соседите. Ова беше класична теза на македонизмот. Се разбира, во дел од македонското население, кое не е толку младо, се задржува генеричкото сеќавање и тие скриено знаат за бугарската позадина на постоењето.

Во исто време, имаше и еден слој на население во Вардарска Македонија, што беше под силно српско влијание меѓу двете светски војни. Иако не се многубројни, но се силни, бидејќи се фаворизирани од властите. Овие луѓе, по формирањето на комунистичка Југославија, ја прифатија промената и развија посебен југословенски идентитет.

Во текот на изминатите дваесет години, за првпат, првин срамежливо, се разви идејата за директна врска со античките Македонци . Во последниве години речиси стана формална теза за време на владеењето на Никола Груевски.

Јас ја споменувам несигурноста во идентитетот, бидејќи исто така се негува некаква компензаторска агресивност во одбраната, а тоа силно влијае врз однесувањето на некои македонски граѓани.

Ние треба да разговораме со македонските колеги – со научни аргументи во сериозна дискусија, за да сфатат дека бугарската страна може да се однесува со разбирање за процесите кои поминале во Вардарска Македонија, во денешната Република Македонија, минувајќи низ сите фази . Има разбирање за овие процеси, за она што се случило и како се формирани ставовите во оваа област.Но, тие треба да бидат свесни дека до 1944 година нема спротивни тези меѓу Бугарија и населението на некогашната Вардарска бановина, сега Република Македонија. Наводите за некоја конфликтна приказна се апсолутно измислени, тоа е пропагандна теза. Конфликтот е помеѓу бугарските аспирации за зачувување на правата на македонските Бугари и српската политика за денационализација таму. Во оваа смисла, историјата на поголемиот дел од локалното население во Вардарска Македонија(мисли на Република Македонија) и Бугарија не престана да биде вообичаена. Сакаме со факти да покажеме дека имаме заедничка историја. Но, ние треба да разбереме што не дели. И навистина не раздвојува од комунистичкиот период, што ја прави својата нова интерпретација на минатото, полна со новини и негирање на историски митови.

П:Кои други митови сакате да ги преиспитате?

em>Ангел Димитров: Другиот понов мит создаден во оваа комунистичка ера е дека Македонија самата се ослободила, дека имало силен отпор и дека дошла самата до својата државност. Ова доаѓа како негирање на улогата на бугарската војска во протерувањето на Вермахтот од Вардарска Македонија.

Но, вистината е сосема поинаква – глобалниот тек на воена акција ја прави Југославија слободна, а локалните партизани во Македонија се незначителни. Дури и германските документи покажуваат дека не ги гледаат како сериозен непријател и дека нивниот единствен непријател(на фашистичка Германија) е бугарската војска. Ова се вистинските факти.

Друга страна на пропаганда, базирана на идејата за самостојност, на свој начин и на државност, е барањето за малцинствата надвор од Република Македонија. Јасно е наведено во Договорот за соседство дека нема да има повеќе барања и ова е крај на каква било пропаганда поврзана со ова прашање.

Сепак, ние многу јасно сакаме со нашите колеги да ги разјасниме феномените, настаните, фактите кои веќе биле побиени од текот на историското време. Тоа е како и на кој начин е формирана современата нација, како и од каде доаѓаат директивите за преземените дејствија, како и на кој начин бугарските комунисти стигнуваат до националното предавство направено под силниот притисок на Москва, не само на Титова Југославија. И како се шпекулира со идејата за Балканска федерација.

Ова се работи што имаат историска димензија и мораме да ги дебатираме за да им дадеме реално објаснување. Ова треба е поврзано со образованието на младите генерации во Македонија, треба да биде многу јасно дека Бугарија не е и не може да се прогласи за непријател на Македонија. И постојат околности и надворешни сили кои ги обликуваат конфликтните ситуации.

Повеќе на Ако.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top