понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 88 ново

„Што имаш ти против Илинден“, значи – зошто си за АСНОМ

Зоран Заев пред споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце

Картите се отвараат. Една по една. Како во тарот. И ни ја претскажуваат иднината. Сега сме некаде пред „светла и среќна утрешнина“, а веднаш по неа следува „бришење од книгите на родените“. Некој може да забележи дека овие две работи не можат да одат заедно. Но, можат и тоа како можат. Особено тука во Република…Македонија!

Грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун јасно порача дека грчката страна во преговорите со македонската не оди да даде нешто, да го даде името Македонија, како што тврделе некои, туку оди да земе назад нешто што е дадено пред 70 години.

– Се наоѓаме во преговори кои што се чувствителни, критични, направени се чекори напред. Ние одиме напред бранејќи една национална позиција и кога веќе се наоѓам во Солун, во Македонија, сакам да кажам, затоа што слушам некои што велат не го давајте името. Ние тука се стремиме да добиеме нешто назад, а не да дадеме нешто. Да земеме нешто што веќе 70 години е дадено, од други, не од нас, изјавил тој, објаснувајќи дека соседната земја и во рамките на Југославија и по распаѓањето го користи името Македонија и „тоа без никаква друга одредница“. Според него, името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, „не е лесно“.

Временската одредница од 70 години, што Ципрас ја употребува, јасно укажува каде, всушност, лежел проблемот. Во конечното национално ослободување на Македонците и нивната државност конституирана преку АСНОМ. Само, има една грешка. На Македонците никој ништо не им дал, туку сами се избориле за се. А, цената била платена со жртви. Генерации и генерации. Припаѓањето на вистинската страна, на антифашистичката коалиција, пак, за време на Втората светска војна значело 24.000 именувани и безимени гробови. И, сега излегува дека АСНОМ-ците направиле невидена грешка! Грешка што се именувале како Македонци! А, комунистите не ја поправиле. Напротив, ја „потврдиле“. Да биде иронијата на судбината поголема, за таа сторена, непростлива „грешка“, треба и не убедуваат, не Ципрас, туку директните наследници на комунистите!

И тоа перфидно до немај каде. Куломинација на перфидноста, пак, е во прашањето на премиерот Зоран Заев упатено до лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во нивното ТВ-соочување – „Што имаш ти против Илинден“! Вистинското прашање и вистинското значење не било во тоа. Туку, зошто си ти против ерга омнес или, подобро речено, зошто си за АСНОМ?!

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top