петок, 17 август 2018 | Вести денес: 22 ново

Косово се најде меѓу најатрактивните европски туристички дестинации во 2018

Специјализираниот веб-сајт за туризам „Лонли Планет“ (www.lonelyplanet.com) го рангира Косово на 4. место на листата на европски региони кои ги препорачува да се посетат во 2018 година, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Според експертите на овој медиум, „малото Косово, заградено со два планински венци во срцето на Балканот, до сега беше некако ниско на радарите на повеќето патници. Но сега, кога ја слави десетгодишнината од својата (од некои оспорувана) независност , во 2018 се чини дека работите се менуваат“.

Според сајтот, младоста е главниот поттик за развојот на земјата.

Во препораката за посета на Косово, се споменуваат Призрен, со веќе познатиот Фестивал на документарен филм „Докуфест“, Виа Динарица со можностите за планински туризам и специфични спортови, како и познатиот виноградарски регион Ораховец.

На првите три места кои се препорачуваат за посета, се регионите Емилиа Ромања во Италија, Кантабриа во Шпанија и Фриесланд во Холандија. Од опкружувањето, годинешни европски туристички фаворити на „Лонли Планет“ се Долината Випава во Словенија на 9. и главниот град на Албанија, Тирана, на 10. место.

Специјализираниот сајт за туризам секоја година во ова време објавува листа со 10 најатрактивни туристички дестинации во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top