четврток, 21 јуни 2018 | Вести денес: 80 ново

Нимиц: Многу работевме, но се уште нема конечно решение (видео)

Се уште нема конечно решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но двете страни се одлучни да продолжат да работат се додека не се пронајде, изјави кусо денеска во Њујорк медијаторот на Обединетите нации во преговорите меѓу двете земји, Метју Нимиц, по разговорите со шефовите на дипломатиите НиколаДимитров и Никос Коѕијас.

– Како што знаете имавме средба вчера и денеска, разговаравме еден и пол ден. Можам да кажам дека многу работевме. Прашањата се добро дефинирани, прецизирани. Можам да кажам дека ова беа преговори на кои многу работевме, рече Нимиц, по завршувањето на состанокот со двајцата министри.

Медијаторот истакна дека Димитров и Коѕијас заминуваат за Брисел, каде ќе продолжи дијалогот и додаде дека иако се уште нема конечно решение двете страни се подготвени напорно да работат за да го најдат.

– Преговорите се значително интензивирани, како што рекоа двете страни имаат важни позиции, во прашање се националните интереси. Двете страни ја препознаваат важноста од постигнување решение и се одлучни да го сторат тоа, додаде Нимиц.

Димитров и Коѕијас вчера речиси шест часа разговараа со медијаторот Нимиц, а денеска преговорите траеја околу два часа. Двајцата министри вчера во пресрет на новата рунда преговори имаа посебни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на кои се разговарало за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Светската организација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top