недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 2 ново

Пандев: Сакам да ја завршам кариерата во Џенова

Горан Пандев одигра извонредно во вториот дел од сезоната и беше меѓу најзаслужните што овој тим обезбеди опстанок во Серија А. Македонецот постигна клучни погодоци против своите поранешни клубови Лацио и Интер, а на крајот го постигна и последниот погодок за Џенова сезонава, на дуелот со Торино.

„Ова беше тешка сезона, но за среќа работите тргнаа во позитивна насока со доаѓањето на Балардини за тренер. Одигравме добри натпревари, освоивме многу бодови во вториот дел од сезоната и заслужено се спасивме во битката за опстанок. Јас од почетокот знаев и кажував дека оваа екипа има квалитет, има фудбалери за да игра убаво и да победува, мило ми е што го докажавме тоа и на терен“ – изјави Пандев.

Преговорите за продолжување на соработката се во завршна фаза, преостанува само уште потписот на новиот договор, а Пандев јасно става до знаење дека за него Џенова е единствена опција.

„Имав други понуди, но воопшто не ги разгледував бидејќи единствена желба ми беше Џенова. Досега размислував само како да помогнам да обезбедиме опстанок, сега сум на одмор, а потоа ќе размислувам за останато. Веќе реков, се чувствувам прекрасно во Џенова и сакам да останам овде до крајот на кариерата. Во фудбалот ништо не е 100% сигурно, но се надевам дека оваа желба ќе ми се исполни“ – истакнува најдобриот македонски фудбалер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top