четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Со урнисани црвени линии Македонија преговара во Њујорк

Веќе неколку часови се одвива новата рунда преговори за името во Њујорк. Во јавноста излегоа само две слики од министрите Димитров и Коѕијас, фатени за рака со медијаторот Метју Нимиц. Преговорите кои денеска започнаа во 16 часот и 30 минути по македонско време имаа само кратка пауза за ручек на преговарачите и продолжија. Разговорите влегуваат во последната најделикатна фаза, а шефот на македонската дипломатија пред Коѕијас и Нимиц го постави пакетот Република Илинденска Македонија кој беше отфрлен од Грција. Коѕијас пак на маса ги стави повторно во игра веќе добро познатите предлози на Нимиц. Грчките медиуми пишуваат дека официјална Атина фаворизира и инсистира на две имиња Горна Македонија и Нова Македонија заедно во пакет со име ерга омнес и уставни измени.

Од друга страна со предлогот кој го понуди македонската страна практично македонските позиции и црвените линии се целосно нарушени – замка којашто Грците свесно или не ја поставија.

Она што остана да виси во воздух додека траат преговорите е ако Mакедонија веќе прифати ерга омнес и уставни промени за Република Илинденска Македонија, тогаш тоа може да го стори и за друго име

Грција пак игра претпазливо и шаховски ги повлекува потезите. Другата страна да покаже прагматизам и реализам за решение побара Коѕијас по средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, а во пресрет на денешната нова рунда разговори.

– Решенија се решенијата со компромис. Знам дека многу сили и во двете општества би преферирале решенија по нивна волја, но во меѓународните односи не постојат таков вид решенија. Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите кажа Коѕијас.
Дали преговорите навистина се на крај, како што вели македонската страна Коѕијас со дециден одговор – не останува ништо друго , освен Скопје да го покаже тоа.

Димитров за разлика од неговиот грчки колега , филозовски во негов стил пред преговорите побара само мудрост и нерви. Затоа пак грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера од говорницата на Грчкиот Парламент упати пофални зборови – Заев е првиот премиер кој прифати уставна ревизија и име ерга омнес.

И додека Грција не фали во Македонија малку поинаква ситуација. Лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Мицкоски синоќа му порача на премиерот Заев дека ги загрозиле преговарачките позиции на Македонија, а во иднина очекувањата на грчката страна само ќе растат.

Во меѓувреме преговорите се одвиваат и се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи. Последната рунда преговори се одвиваше во Сунио Атина и траеше 6 часа – останува да видиме што ќе донесе новата рунда преговори и што ќе се сподели со јавноста.

Извор: ТВ Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top