недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 2 ново

Сиљановска: Македонија не е Елена Тројанска, туку старица која 74 години носи едно име

Македонската страна во преговорите за името не е во позиција да рече „земи или остави„. Силните го прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат, но проблемот нема да се реши ако некој остане со скршен рбет, и погазено достоинство, предупреди професорката Гордана Сиљановска во синоќешното интервју за „Топ Тема на Ваша Страна“. Тоа, вели, ќе создаде конфликти и дополнителни проблеми затоа што ова парче земја не е Елена Тројанска, туку е старица што 74 години го носи истото име. За предлогот Република Илинденска Македонија, вели дека две именки една покрај друга не одат заедно, како и дека овде е клучна придавката, затоа што токму таа е идентитетско обележје и е врзана и за јазикот и за националноста.

Владата, вели Сиљановска, мораше да ја предвиди реакцијата на грчката страна која експресно го одби предлогот.

Професорката смета дека, дури и ако успееме да најдеме достоинствено решение, максимум што треба да се направи во Уставот е, во делот за меѓународните односи да се стави дека името ќе биде за употреба во меѓународната комуникација. Ако се интервенира во внатрешната употреба, од Уставот ќе остане многу малку, но ништо нема да остане од меѓународното право што содржи норма за забрана на мешање во внатрешните работи на другите држави. Потенцира и дека, за вакви сериозни работи мора да има консензус дома, особено со претседателот на државата,со претседателот на Парламентот и со шефот на опозицијата. Христијан Мицкоски, пак, во синоќешниот дуел со премиерот, неколкупати нагласи дека нема информации околу преговорите.

Премиерот, пак, инсистираше на тоа дека, името Република Илинденска Македонија не го уништува идентитетот, туку го зајакнува.

Во дуелот повторно се спомна и референдумот, како крајна инстанца, во која последниот збор за промената на името ќе го имаат граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top