петок, 21 септември 2018 | Вести денес: 8 ново

Груевски на Фејсбук: Ова се завршните зборови кои судот ми забрани да ги прочитам

Завршните зборови секој од нас како и адвокатите, така и обвинетите ги бевме подготвиле писмено. Со цел, додека ги читаме да не мора да бидеме прекинувани или да читаме многу бавно за да дактилографката може се да запише неколку часа порано ги предадовме на УСБ. Потоа имавме и една пауза од околу 40-тина минути. Ова го пишува екс-премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил за завршните зборови во случајот Тенк.

Во продолжение го пренесуваме неговиот статус во целост:

Кога дојде редот на мене, судијката се вмеша во текот на моите завршни зборови и еден дел не дозволи да ги прочитам во судот со образложение дека биле политички и дека не може да ги кажувам во судот.

Со обзир дека судот ги доби на писмено, а на јавноста која преку новинарите беше присутна во судницата и беше ускратено да чуе делови од тој завршен збор, ги објавувам и посебно издвоени и како дел од интегралниот текст, односно завршен збор.

Ова се тие забранети делови кои денес ги објавувам и одвоено, но и како дел од целиот текст каде се потенцирани деловите да се препознаат како дел од завршните зборови кои беа забранети да ги кажам во судот.

“Иако сакав да најдам решение на наметнатиот проблем со името, сепак не дозволив негово решавање по терк на јужниот сосед. Останав цврст и издржав на многу притисоци и закани. Овој политичко судски прогон е цената што треба да ја платам за бранењето на националните и државни интереси. Марионетската власт предводена од Зоран Заев, со притисокот кој го направи и сеуште го прави врз судството, сака со сите сили да ме понижи и оцрни колку што можат повеќе, со цел нивното самопонижување и црнење кои сами си го прават низ овој процес на распродажба на државните и национални интереси со прифаќање на договори со соседите какви и не сонувале пред неколку години, да помине без силен контраст помеѓу мојата борба за Македонија и нивните поданички и штетни политики за Македонија. Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, ама да влезе во овие институции не обезличена и да влезе исправена. Денес е јасно дека дел од пресудите кои ќе ги објави овој суд можеби ќе гласат од името на народот на Република Македонија, но поголемиот дел веројатно ќе гласат од името на народот на Република Горна или Северна или Вардарска Македонија итн.
И покрај се, и покрај овој политичко судски прогон кој е казна за мојата позиција и цврстина за македонските интереси, и истовремено инструмент за заплашување на илјадници граѓани на Македонија кои не се согласуваат со овие политики на актуелната власт, мене ми е чест што македонскиот народ и граѓаните на Македонија не ги изневерив. Подготвен сум на се, на секакви политички ризици и последици од нив, уште од првиот ден кога се нафатив да ја водам партијата ВМРО-ДПМНЕ а подоцна и Владата на Македонија, низ овие турбулентни години за нашата држава. Ова се години кога најризично е да си Македонец, а уште поризично ако се бориш за интересите на својата земја и притоа имаш многу непријатели, вклучително и меѓу своите.

Во тој контекст и една мисла на Гоце Делчев вели: ,,Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди, како македонскиот.
Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на различни страни, една од друга потуѓа,,.

Македонија е пред голем предизвик. Заробена од една марионетска власт. Потребни се мудри и храбри одлуки, но пред се законски. Колку и да некој се соочува со притисоци или неприципиелни понуди, колку и оваа власт да се однесува недемократски и насилнички, сепак, секој од нас носиме индивидуална одговорност и надворешните притисоци или влијанија или пак партиски наклоности, треба да се игнорираат и колку и да се силни, не може да бидат ничие оправдување за подлегнување под нив.

Во овој суд се вперени очите на јавноста. Не ми се суди само мене. Се суди на суверенизмот како моја определба во македонската политика.

Евентуална погрешна одлука или одлука прифатена под политички притисок, нема да биде нешто што ќе се памети и зборува само три дена. Очите на тивкото и во голема мера во моментов заплашено мнозинство, кое посакува само правда и чесни одлуки, а не политички договори меѓу извршната и судската власт, се вперени кон овој суд и кон вас лично.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top