среда, 20 јуни 2018 | Вести денес: 95 ново

Заев бара одговори, а заборавил што потпишал!

 Предраг Димитровски

Што му фали на Договорот за добрососедство со Бугарија и што му фали на предлогот Република Илинденска Македонија, парафразирано, се двете прашања извлечени, се разбира чисто субјективно, што премиерот Зоран Заев му ги постави и побара одговори од неговиот политички опонент Христијан Мицковски, на нивното прво, двеиполчасовно ТВ-соочување. И двете очигледно значајни и, би се рекло, суштествени за државните и национални интереси.

Независно од одговорите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, двете прашања беа испратени на сосема погрешна адреса. Зашто, и прашањата и одговорите не само што меѓусебно се испреплетуваат, туку не лежат кај Мицковски, туку во потписот на Заев! Или, по нецела година, премиерот изгледа заборавил или се уште нe сака да види, што навистина парафирал со Договорот со Софија.

Ако заборавил, добро е да се потсети, а ако не сака да види, тогаш навистина има сериозен проблем и со вистината, и со самопрокламираното лидерство, и со желбата за добрососедство, и со намерата по секоја цена да го реши проблемот, што Грција го има со нашето име. Притоа, најмал е проблемот што ќе одговори Мицковски и дали ќе даде согласност или не за временската одредница. Зашто, одговорите веќе не лежат во границите на Република Македонија, туку во „заедничката историја„ и „(добро)соседството„. И, речиси, секојдневно пристигнуваат. Само има ли кој да ги чита?! Премиерот Заев очигледно не го прави тоа.

Да го вратиме филмот малку назад. Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугарија беше потпишан „на македонски јазик според Уставот на Република Македонија„, формулација што произлегува од Декларацијата потпишана во 1999 година меѓу тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов. А, за тоа, бугарскиот историчар Чавдар Маринов во својата книга „Македонското прашање од 1944 до денес„, меѓу другото, ќе напише:„…Оваа промена остава можност да се афирмира дека македонскиот јазик е само уставно тврдење, а не „објективно постоен факт„. Се чини дека Софија е победничката страна во „компромисот„…(стр.220)„.

Натаму, според Договорот, се прифати синтагмата „заедничката историја„. По којзнае кој пат ќе напоменам дека семантички, членот „та„ имплицира на целокупна заедничка македонска и бугарска историја, што е нешто сосема друго од заедничките процеси од историјата на двете земји. И во името на „заедничката историја„ се прифати постоење на македонската нација само од август 1944 година наваму, а на државата Република Македонија од 1991 година.

Или, поинаку кажано, Македонија и Македонците допрва ќе треба да се докажуваат како посебна држава и посебен народ и нација преку новоформираната заедничка комисија за „пеглање„ на историјата, што, според бугарските толкувања, досега „бездушно сме ја краделе„ од Бугарија. Во тој контекст, нормално, влегува и Илинденското востание од 1903 година, што бугарската страна не чекаше ни миг да го именува како бугарско. Дали таа однапред знае каков епилог ќе даде работата на заедничката комисија?!

Владата на чело со премиерот Заев, промовирајќи го предлогот за името Република Илинденска Македонија излезе со соопштение во кое, меѓу другото, оцени дека со него „правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година„. Емотивно, убаво за слушање за секое македонско уво. Но, што правиме сега кога премиерот Заев ставил потпис на меѓународен документ, според кој, како народ и нација постоиме само од 1944, а како држава од 1991 година? Што правиме со временската дупка од 1903 до 1944 година!? На кој континуитет ќе се темели Република Илинденска Македонија?! Или, пу, пу, потписот во Софија сега не важи! И премиерот Заев за ова бара одговор од Христијан Мицковски! А, што тој да му каже? Треба да биде конструктивен и да даде поддршка на нешто, што од авион се гледа дека пропаѓа во временска дупка во која и барањето на Антлантида ќе биде детска шега!? Апсурд, за жал реален! Владата, пак ќе инсистира на ова решение. Ако мисли дека куќа се прави без темели, нека инсистира. Што друго човек да каже.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top