сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 33 ново

Грчките опозициски партии со критики до Владата за прашањето за името

„Република Илинденска Македонија“ е симбол и олицетворение на иредентизмот според грчките опозициски партии Нова демократија и Демократската коалиција.

Лидерите на овие две партии, Кирјакос Мицотакис и Фофи Генимата, при расправата во грчкиот Парламент посветена на економијата, го споменаа и прашањето за името и упатија остри критики до грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис од Нова демократија, два пати побара од Ципрас јасно да каже дали го прифаќа или отфрла предлогот Илинденска Македонија, бидејќи проблемот е во фактот што конкретното име „е поврзано со тоа што самото име е симбол на иредентизмот од соседната земја“.

– Претпоставувам дека ова прашање е сѐ уште на маса. Претпоставувам дека можеби затоа контактираа со Вас Пенс и Меркел. Впечатокот што го давате е дека е нешто за кое што веќе се согласивте и сега одново размислувате за тоа, рече Мицотакис и побара од Ципрас јасно и гласно да одговори дали конкретното име и понатаму е на преговарачката маса.

Претседателката на Демократската коалиција и на Движењето за промена Фофи Генимата, во нејзиниот говор побара избори, а ова барање го поткрепи со низа аргументи, а меѓу нив и т.н. грчки национални прашања, за кои тврди дека актуелната влада е опасна.

– Во поволен момент за скопското прашање, владата стигна да разговара за олицетворението на иредентизмот како решение и ова ја покажува големината на проблемот, рече Генимата во однос на прашањето за името и последниот предлог „Република Илинденска Македонија“.

Лидерот на Река, ја повика Владата да не ја испушти шансата за решение, но и ја повика да разјасни што сака „дали верува во решение или едноставно игра игри за да предизвика проблеми во опозицијата“.

– Тогаш со Глигоров ја изгубивме првата шанса, бидејќи некои во Грција тогаш изградија кариери и го саботираа решението. Значи, ако Заев покаже смелост, ние не треба да ја изгубиме оваа шанса, рече Теодоракис во неговиот говор.

Како што вчера објави МИА, за време на расправата во грчкиот парламент, Алексис Ципрас, одговарајќи на критиките упатени од лидерот на опозициската Нова демократија во врска со името „Република Илинденска Македонија“, рече дека Грција преговара врз база на четирите имиња предложени од ОН, конкретно пакетот предлози од Нимиц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top