недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

„Денот Д” за Македонија: Илинден 2018

„Следете ме кон своето национално самоубиство!” - Македонскиот политички монструм Зоран Заев безумно го дотолчува македонскиот народ.

Алдо Климан

Здружениот грчко-бугарско-албански дипломатски холокауст што се спроведува над македонскиот народ, безочно потпомогнат од членките на ЕУ, САД и НАТО ќе заврши како и секој холокауст – како голема и непоправлива цивилизациска срамота за сите нив. Но каква фајда од сето тоа кога веќе ќе нѐ нема нас како македонски народ и кога ќе ни ја снема татковината – Република Македонија.

А токму тоа стреловито се случува и оди кон својот конечен крај. Со промовирањето на идејата на квислингот Заев за името „Република Илинденска Македонија” тој ги започна последните тактови на тој морбиден меѓународен Реквием за Македонија, што треба да заврши на Илинден 2018. Нашите Илиндени, и 1903, и 1944, па така и тнр. трети Илинден, 8 септември 1991, беа и се посведочија како израз на нашата македонска национална свест, на нашата надеж, на бунт и револуција против националните и социјални неправди; сите тие беа симболи на незапирливиот растеж и стремеж кон вообличување на македонската државност и кон создавање сопствена суверена и самостојна држава. Но последниот, овој претстоен Илинден, на 2 август 2018 година, според сценаристите и кукларите на Заев треба да го означи и нашиот официјален крај како држава и како народ. Подмолно и вешто го одбраа овој датум и тоа време поради жешкото, правливо, мрзоволно лето и годишните одмори, кога радикално ќе биде намалена и општата фокусираност, претпазливост и будност во врска со проблемот на името и кога народот ќе биде расеан на разни страни, а придавката „илинденска” треба емотивно да нѐ заведе и да го допре нашето најсензибилно патриотско место во душата, и сосема да нѐ успие во најважниот и најсудбоносен момент.

Но да потсетиме дека таа меѓународна „илинденска тема”, тоа обмислено понижување и уривање на нашиот најсвет симбол и најзначаен датум во поновата македонска историја, Илинден, започна со потпишувањето на бугарско-заевскиот договор, исто така среде лето, спроти Илинден, на 1 август 2017, договор со кој со еден ступиден потег на перо е поништено сѐ што е македонско: и нашето историско и културно минато, и нашиот македонски јазик, и нашиот национален идентитет, и нашиот македонски Илинден. Со тој договор во Македонија е официјализирана бугарската квази-историска теза за бугарскиот карактер на Илинденското востание, за веднаш веќе наредниот ден, на Илинден, на 2 август 2017, на Мечкин камен главен говорник да биде големоалбанскиот воено-политички конвертит Талат Џафери, со неговата „најважна информација” дека во Илинденското востание учествувале и албанци. На тој начин лани, на Илинден, на македонскиот народ безобразно и грубо му е одземнена историската, национална и идентитетска супстанца, а сиболично, без многу зборови, Илинденското востание практично е промовирано како некакво бугарско-албанско востание. Тие неранимајковци сторија сѐ бугарско-албански да го „замочаат” и да го контаминираат Илинден за да му го одземат општонационалниот сјај и сета негова неизмерна важност за секој македонец и за секој чесен и добронамерен граѓанин на Република Македонија.

И еве го сега пак македонскиот политички монструм Заев со предлогот државата да ни се вика „Република Илинденска Македонија”.

Кабинетското и виртуелно измислување на имињата на државите само по себе е крајно одвратно и, како и во случајот на Македонија, се спроведува според ќеифот на некои збудалени светски моќници. Се наслушавме секакви глупи и малоумни предлози за новото името на Македонија, но сифилистичната идеја на квислингот Заев татковината да ни се вика така бесмислено – „Република Илинденска Македонија” – е многу повеќе од ординарна заевска глупост и злоба: тоа име само би требало да докаже дека Република Македонија е навистина измислена и октроирана држава, а не родена низ тешката вековна борба на македонскиот народ за слобода и самостојност. Дури и божемната „временска одредница”, (врзана за Илинден), која треба да ги „задоволи грчките барања”, е ли(з)гаво отворена, зашто остава неограничен простор за натамошни здодевни манипулации и преџвакувања на старите бугарско-грчко-албански идиотски докажувања дека историјата на „измислениот македонски народ” и „измислениот македонски јазик” започнува дури на 2 август 1944 година, или дури уште подоцна, на „третиот Илинден”, на 8 септември 1991.

Измисленото апсурдно име „Република Илинденска Македонија” ја има истата таа цел: до непрепознатливост да го контаминира најсветиот македонски национален симбол Илинден, и еднаш засекогаш да стави точка на изворната македонска државност и на современата македонска држава и нејзините највитални институции.

Но предавниците Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, со сета своја квислиншка и големоалбанска братија во тнр. Влада немаат мандат да ни измислуваат бесмислени имиња со никакви временски или какви и да е други одредници! И не може и нема зошто да има референдум за името! Референдум по тоа прашање е најобична меѓународна, а пред сѐ грчка и заевска садистичка стапица за продлабочување на јазот меѓу и онака политички збунетите и разединети македонци, смртна стапица за наш национален и цивилизациски суицид!

Нашата држава се вика Република Македонија. Ние сме македонки и македонци и не си ја даваме татковината, ниту своето национално и историско име.

Повикот на Зоран Заев: „Следете ме под името Република Илинденска Македонија кон среќна европска и НАТО иднина”! – буквално значи: „Следете ме кон својата национална смрт со политичко, институционално самоубиство!”

Македонски народе, благодарение на тој избезумен човек, денес сите државни институции на Република Македонија од ред предавнички и најмизерно те изневерија и ти го свртија грбот! Од нив и со нив за тебе веќе нема аир, ниту видело, ниту нешто добро. Владата на Република Македонија е најобична квислиншка и големоалбанска организација на неколкумина збудалени поединци, која според меѓународниот криминално-политичко-воен диктат ја спроведуваат политиката на целосно и неповратно самоуништување на македонската држава и на македонскиот народ исклучиво во интерес на САД, НАТО и ЕУ.

Собранието на Република Македонија е мрачен, тажен театар во кој секојдневно се прикажува смртта на македонската и европската демократија.

Македонските судови се кулоарска фарса и разбигрижа на едноумната владејачка партија со сосема изгубен компас.

„Славните” „шарени” „револуционерни” „невладини организации” веќе одамна на „владата” ѝ се длабоко вовлечени таму од каде што таа секојдневно во големи количества на сите општествени рамништа ја истура онаа општопозната погана материја.

Но, македонски народе, она што посебно боли, тоа е што – со чесни и достоинствени исклучоци – кукавички те изневери и македонската интелигенција, истата онаа интелигенција што врз твоето славно име и славното име на Македонија си создаваше домашни и странски кариери и што, уште не толку одамна, силно и претенциозно се удираше во гради со името на татковината, и по секој свечен повод се колнеше во нашето бесмртно историско минато, во нашите големи синови Даме, Гоце, Јане, Питу, Ѓорче, Ченто… и во сите оние наши дедовци и предедовци што пред бесните освојувачи и насилници одеа со високо крената глава и со јасна визија за иднината на својот народ и на татковината, оние јуначишта чии што коски и покојни души се расфрлани низ цела наша Македонија, од прекрасниот Егеј до гордиот Пирин, и од најкомитскиот наш Пирин до крвавите брегови на Вардар, и оттаму преку подмолните предавнички пусии низ Балканот до занданите и крвничките ќутуци во Стамбол.

Молкот, надреалниот, беден молк на таа наша македонска интелигенција пред денешните најстравотни предизвици во историјата на македонскиот народ е нејзината најголема и вечна Срамота, и тоа Срамота со голема буква. Мизерно виткање на опашот на македонската интелигенција и скиснато стоење со цврсто затната уста пред еден таков меѓународен бесрамен дебелокожец и македонождерач со широко зината безобразна уценувачка уста како што е Никос Коѕиас, никогаш нема да биде заборавено. Тој човек што врз понижувањето на Македонија и на македонскиот народ воспостави нови екстремни парадигми на дипломатска подмолност и безобѕирност, невидени во светски рамки, за такво исто однесување на клоци би бил исфрлен од било која друга цивилизирана држава како најобичен неранимајко, а тамошната обединета интелигенција еднодушно пред целата светска јавност би го прогласила за persona non grata во својата татковина. Но нашата македонска интелигенција си молчи по своите медитативни ќошиња и си чкртка нешто на фејсбук. Со таквите меѓународни аждери од библиски размери тоа не оди така. Коѕиас е Сотона што со сета пеколна силина и дрскост му се нафрли на македонскиот народ, понижувајќи нѐ од збор до збор, од миг до миг, од настан до настан, од средба до средба. На секој нормален македонец му се кине срцето, му се вртат цревата и му тежи грутка во градите од тие примитивни обесчестувања на сѐ што е македонско, на сѐ што ни е свето, наше, длабоко втиснато во секоја ќелија на нашите суштества, на нашиот идентитет.

Затоа, срам да ти е македонска интелигенцијо за молчењето и самопредавството пред овој фашистоиден цунами што ја погаѓа Македонија! Не ја заслужи оваа наша прекрасна татковина Македонија, кога така молчешкум им ја препушташ на современите домашни и меѓународни ѓубриња и политички гангстери од неа да прават издробена дипломатска салата и да ни ја докусуруваат пред наши очи. Срам да ти е што молчешкум прифаќаш пред твои ширум отворени очи и во твојот сопствен дом, во Македонија, да се перчат фашистоидни кретенски типови од Бугарија, Грција, Албанија и Европа што како што ќе им текне ја преправаат и ја фалсификуваат нашата чиста и достоинствена македонска историја. Запалете веднаш некаде во срцето на Македонија, можеби токму на Мечкин камен, голем инквизициски оган каде што бугарските и грчките цензорски и фалсификаторски комисии со сласт и лезет ќе ги палат стотиците илјадници наши македонски книги во кои е запишана и протолкувана таа славна историја. И веднаш и сами носете ги таму и своите книги, зашто се напишани на јазик што не е ниту бугарски, ниту грчки, ниту српски, ниту албански, туку на преубавиот македонски, за кој сега, еве, немате ни уста ни срце за негова најжестока одбрана со крв до рамена и коски до колена, како што имаа нашите незаборавни претци кои ги полага своите животи за тој наш мајчин македонски јазик и за нашето име македонско.

Историскиот часовник ужасно бргу одбројува, и крајно е време и македонската политичка опозиција најсериозно и најдраматично да сфати дека во овие најпресудни мигови за Македонија и за македонскиот народ не е доволно само да се пимпла и да се води мекичка кабинетска и фејсбук политика, со досетки и надмудрувања, со кабинетски соопштенија и статистики за неуспесите на сегашнава башибозучка влада, и конечно, со постојани млаки дипломатски обиди да се уверуваат меѓународните налогодавци и спонзори на Заев дека тој им бил погрешен избор за Македонија. Не, господа, за нив токму тој и таков црн предавник е најдобриот и единствено соодветен избор; токму тој им требаше, го бараа, го пронајдоа и најгрубо го инсталираа за да ни ја растури Македонија, и затоа секое ваше дипломатско и какво и да е друго „кодошење” на негова сметка по странските амбасади, во Брисел и на други слични „демократски места” претставува само ново изгубено време за Македонија и многу ново купено време за предавникот Заев, за безочно алчните соседи и за безобѕирните моќници од Европа, НАТО и Америка. Ова е последен, и навистина последен момент јасно и недвосмислено, решително и енергично, и не само вербално, опозицијата вистински, не само преку бледи и неефектни конференции за медиумите и преку разни партиски соопштенија (по ресорите), туку и најдиректно, физички да се стави на чело на македонскиот народ и да го поведе во решавачка битка за суверена, самостојна и слободна Македонија, која сама треба да си одлучува за својата судбина и за својата иднина, а не според ступидните патолошки диктати на фашизираната и фашистоидна грчка и европска политика која пијана од моќ се изживува врз ранетата душа и тело на нашата татковина и на нашиот македонски народ.

Ако пак не се случи ова последново, ако и партиски организираната политичка опозиција конечно навистина не се разбуди до крај и ако продолжи вака упорно да шлајфува во место и да се премислува кој дипломатски пат да го одбере за да се справи со оваа неподнослива заевска и меѓународна чума, надевајќи се дека миц по миц, малку по малку ќе дотурка до следните избори на кои ќе победи, е тогаш, мил мој македонски народе, остануваш само ти, како последна, најранлива но и најважна и единствена преостаната конкретна и жива институција во Македонија која може и мора да му каже решително „Не!” и „Доста!” на македонскиот политички монструм Зоран Заев, кој безумно го дотолчува македонскиот народ и ја докрајчува Република Македонија. Не плаши се, „крени глава гордо, високо”, зашто нема ништо пострашно и попогубно од губењето на својата единствена татковина, од губењето на своето убаво македонско име и јазик, од губењето на својот национален идентитет, од одземањето на твоето човечко и национално достоинство и на твоите човечки права и слободи. А сега токму тоа и само тоа се случува во и околу Македонија, и води кон безмилосен крај од кој веќе нема враќање.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top