недела, 21 октомври 2018 | Вести денес: 56 ново

Прво издание на „Џез фактори фестивалот“ во Битола

Од 18-ти до 20-ти мај во Битола се одржа првото издание на фестивалот Џез фактори фестивалот, во организација на реномираниот музичар и професор, шеф на џез катедрата при универзитетот во Штип, Сашо Поповски, со поддршка на Центарот за културна деконтаминација Битола.

– Идејата потекнува од 2011 година со работилниците „Џез-фактори“, проект кој заврши во 2012 со џез-концерт, а кој минатата година во соработка со МКЦ се одвиваше во општина Могила со 4 работилници. Со текот на времето оваа идеја се развива и тој едукативен центар прераснува во џез-фестивал-вели Поповски. На првото издание фестивалот се претставија реномирани светски имиња од џез-сцената, пред се специјалниот гостин кој живее и работи во Барселона, Душан Јевтовиќ, кој настапи со неговото трио во кое членува и реномираниот Васил Хаџиманов. Јевтовиќ и Хаџиманов покрај што приватно се пријатели, долги години се соработници па така заедно снимиле два албуми, за издавачка куќа во Њујорк.

-Овој град заслужува една ваква манифестација, се надеваме ќе прерасне во традиција. Најмалку 3 до 4 пати годишно имаме заеднички настапи насекаде низ светот, како и мини турнеи. Настапот во Битола е дел од една таква мини турнеја низ Македонија-вели Јевтовиќ за Тера телевизија и додава, мене ми е многу мило и ми претставува чест што токму ние имавме можност да го отвориме првото издание на овој фестивал и се надеваме истиот ќе стане традиција.

-Пред Битола настапивме во Скопје во Станица 26, а потоа и во Охрид. Мене ми е мило што Поповски успеа да организира еден настан од ваков вид и во оваа прилика му честитам. Посакувам да има што повеќе вакви настани, но и медиумите да промовираат повеќе џез. Тоа не значи дека треба да пуштаат џез музика по 24 саати дневно, но треба повеќе да влијаат со нивните програми кон едуцирање на младите-вели Хаџиманов.

Првата вечер настапија и Шикачи оркестар. Втората вечер настапи Сашо Поповски со своето трио. Современиот џез со елементи на традиционална македонска музика ја прави неговата музика уникатен и добро познат учесник на музички сцени во Европа. Повеќе од 20 години на сцената преку разни проекти соработуваше со многу уметници и издаде 3 џез албуми и неколку соло композиции. Покрај Поповски трио настапија и Фирс, во винарија Чифлик, кои изведоа дел од нивниот прв албум и дел од новиот материјал кој веќе го снимаат. Фестивалот го затвори Тони Китановски со неговиот бенд.

Покрај концертните настапи во дополнителната програма беа присутни работилници и дебати со директори на регионални џез фестивали меѓу кои оние во Петровац и Кикинда, со кои битолскиот џез фактори фестивал потпиша мемораднум за соработка и размена на музичари. Првото издание беше потпомогнато од кафе бар Камарите, Порта џез како еден од најстарите џез клубови во Македонија кој оваа година одбележува 25 години постоење, винарија Чифлик и мезе бар Јагода. Фестивалот се одвиваше со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, општина Битола, а телевизија „Тера“ беше медиумски покровител.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top