недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 2 ново

Европското право е јасно: Аболиција од претседател не може да се повлече

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов пред две години, во услови на тешка политичка криза во државата реши да донесе одлука за аболиција или помилување, на сите политичари против кои имаше истражни постапки. Одлуката подоцна беше повлечена, откако оние кои беа помилувани побараа такво нешто.

Сепак, еднаш дадена аболиција од претседател на држава не може да биде повлечена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. Така вели европското и светското право, но во Македонија очигледно има други правила.

Последен случај за праксата на европското право е ослободувањето на Горан Грујовски и Никола Бошковски, кои добија ослободување од екстрадицискиот притвор во Грција. Тие во притвор во Грција поминаа 7 месеци.

Инаку, судот во Атина констатираше дека не може да одлучува за луѓе претходно биле амнестирани, како што беше со амнестијата на Иванов ред две години. За Горан Грујевски и Никола Бошковски пред судот во Скопје се водат постапки по обвинение на СЈО за нивна наводна вмешаност во нелегалното прислушување.

Ставот во однос на правното дејство на одлуките за помилување, Европскиот Суд за човекови права (ЕСЧП) го искажал преку примената на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП) во предметот Lexa v. Slovakia, и според него ефектот од одлуката за помилување не може да се анулира, независно дали помилувањето во било која постапка или со било која одлука е ставено вон сила.

Во случајот Lexa v.Slovakia жалителот се жалел дека неговото гонење по помилувањето не било дозволено според важечкиот словачки закон, па од тие причини неговиот притвор не бил во согласност со закон. Главната поента во спорот била дали кривичната постапка против жалителот била дозволена или не, во поглед на постоењето на различни одлуки за помилување во врска со кривичните дела за кои се товарел во тоа време. Во пресудата, Судот констатира дека Уставот на Словачка не содржел одредби со кои изречно се дозволува претседателската одлука за помилување да биде укината, а Законот за кривична постапка не предвидувале постапката да продолжи кога работата станала res judicata, како резултат на одлуката за помилување.

Судот понатаму забележува дека укинувањето на безусловни мерки за помилување, генерално не е прифатено со праксата и преовладувачкото правно мислење во другите држави потписнички на ЕКЧП и ги нотира законските измени и дополнувања донесени подоцна (како што се преиначувањето на обемот на овластувањата на претседателот за донесување на мерки за одделни помилувања, условувањето на таквите мерки со потпис од страна на Владата итн.) и подоцнежните напори да се укинат претходните одлуки со донесување на уставен закон и заклучува дека гонењето на жалителот по донесување на одлука за помилување не било дозволено.

Со оглед на тоа што во Законот за помилување кој важел во времето кога Претседателот Иванов ги донел одлуките за помилување не била предвидена можност за нивно поништување тие станале конечни, а стекнатите права врз основа на овие одлуки не можат да бидат изменети на штета на лицето за кои се однесуваат што произлегува и од институтот од римското право reformacio in peus. Доколку со дополнително донесените Закон за дополнување на Законот за помилување и Одлуки за поништување на одлуките за помилување, ефектите од помилувањето се анулираат тоа би значело дека истите имаат ретроактивно дејство што е спротивно на член 52 од Уставот на Република Македонија (согласно кој законите и прописите неможат да имаат повратно дејство освен во исклучок кога тоа е поповолно за граѓаните) и што според одлуката на ЕСЧП во случајот Lexa v. Slovakia, претставува повредана на правото на правично судење, заштитено со членот 6 од Конвенцијата.

И покрај сите овие факти, во овој момент во Македонија се водат судски постапки против 57 лица кои беа на листата помилувани од претседателот.

Досега ниту судија не посочи дека еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. За првпат грчките судии го посочуваат ова правило кое го има во меѓународното, европското, но и во домашното казнено право.

Околу овој дел на европското право се осврна и професорката по уставно право, Тања Каракамишева, таа коментира дека ова правило кое го примени грчкото судство е правило кое важи во секоја правна држава, односно дека истото е правило и дел и од домашното казнено право.

Еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. Тоа многу добро го знаат експертите по Меѓународно кривично право, врховните судии на Грција, но и македонските професори по Казнено право кои во своите учебници ова го имаат многу убаво објаснето, но за жал не сакаат да го кажат во јавност, вели Каракамишева.

За ова правило во својот учебник по Казнено право пишува и професорот Владимир Камбовски.

-Станува збор за клучно правило во меѓународното, европското, но и во домашното казнено право кое има своја позадина во заштитата на општиот правен стандард-потребата да се почитува начелото на правната сигурност во државата. Ова го имав констатирано и во времето кога претседателот Иванов беше присилен од некои фактори да ги повлече веќе дадените аболиции, и тогаш реков, и сега потврдувам дека еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена, коментира професорката.

Таа и додава дека правната сигурност на граѓаните, но и правната сигурност која институциите се обврзани да ја штитат е врвен принцип во секоја правна држава.

-Ако Македонија сака да биде правна држава мора да ги почитува овие општи правни стандарди кои се применуваат во сите демократски држави каде се почитува владеењето на правото, изјави Каракамишева.

Каде затаија судовите на Република Македонија, една од државите-потписнички на истите меѓународни конвенции на кои се повика грчкиот суд, и на кои правила се повикуваат нашите судови кога веќе го превидуваат начелото да се обезбеди правна сигурност во државата?

-Не постојат никакви правни пречки нашите судови да го прифатат ставот на Врховниот суд на Грција, бидејќи тоа е во согласност со конвенциите што се ратификувани од страна на Република Македонија. Оттука, треба да го имаат истиот став што го има и Врховниот суд на Грција, смета адвокатката Сања Алексиќ.

Таа објаснува дека кога една држава, во случајов Република Македонија, ќе ратификува конвенција, меѓународен договор, целосно го прифаќа и тој станува над нашето законодавство.

-Веќе сме ги прифатиле тие правила на игра и сега веќе не можеме да отстапиме од тоа, додава Алексиќ и нагласува дека Европската конвенција во Република Македонија има супранационално правно дејство, односно е над домашното законодавство и во согласност со Уставот на Република Македонија меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

-Самата одлука за помилување создала права за тие кои биле помилувани во тој момент и не требало да се води понатаму никаква постапка. Во моментот кога е донесен Законот за измена на Законот за помилување и потоа одлуките за поништување, повредена е ЕКЧП. Во моментот кога претседателот Иванов ја донел одлуката за помилување во согласност со Законот за помилување кој важел во моментот, не била предвидена ниту можност за поништување на одлуките за помилување и заради тоа институтот помилување не може да се отповикува. Дури и во ситуација кога во домашното законодавство е предвидена можност за отповикување, како што отпосле се овозможи кај нас, со поништување на помилување истиот не може да доведе до ретроактивна примена на веќе донесените акти на помилување бидејќи таков закон не постоел во моментот кога е извршено помилувањето, вели Алексиќ во изјава за „Република“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top