среда, 14 ноември 2018 | Вести денес: 85 ново

Четврт(и) Илинден „со месо”

– Илинден е гаранција за мултиетничка Македонија. Првиот Илинден 1903 е симбол за заедничка борба за автономија. Вториот Илинден 1944 е заокружување на нашата борба за државност и официјален и службен јазик во нашата Република Македонија. Третиот Илинден 8 септември 1991 е самостојност без капка крв. Со ова се прави целосно разграничување на регионот Македонија во Грција и е показател дека немаме никакви територијални аспирациии кон ниту еден сосед. Уште еднаш потврдувам дека немаме никакви територијални претензии и го почитуваме наследството на грчкиот народ и Грција. Нам ни треба нов, четврт Илинден, со кој ќе се обединеме како народ и Македонија. Грција ќе биде наш промотор отсега во светот. Сега ни треба нов Четврти Илинден со новото име Илинденска Македонија, еуфорично изјави, меѓу другото, премиерот Зоран Заев, по лидерската средба на која го обелодени предлог-пакетот за разрешување на спорот, што Грција го има со нашето државно име. Според него, „рајските порти„ ширум светот ќе ни се отворат со името „Република Илинденска Македонија„ за севкупна употреба, што подразбира и менување на Уставот.

Неговата креативност уште еднаш дојде целосно до израз. Како шега или како копија, се едно. Така, ни бил потребен четврт Илинден! За да „јадеме бурек”, ја „со месо”, ја „со сирење”, ја „со спанаќ”… Шеговито. А, како копија „четврти Илинден”. Оригиналот за ова е стар веќе повеќе од една година и им припаѓа на организаторите на движењето „За заедничка Македонија”, кои сега треба да одговараат „за тероризам”. Автентично останува само новото име „Република Илинденска Македонија” и неговата примена за севкупна употреба.

Со официјализирањето на континуитетот на претходните три Илиндени се доведува во прашање и преиспитувањето на „општествената потреба” од постоењето на Музејот на револуционерната борба. Којзнае какви се не еквилибристики ќе подготви формираната комисија од страна на Министерството за култура, чиј извештај со нетрпение се очекува во јавноста. Според одредени сознанија, Музејот ќе си остане, зашто никој не сакал да стави потпис под чин, што се квалификува како злосторство.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top