понеделник, 15 октомври 2018 | Вести денес: 34 ново

Изложбите „Раѓањето на Фрушка Гора“ и „Карпи-скриени бои и форми“ до 10 септември во Природонаучниот музеј на Македонија

Во петокот (18 мај), во Природонаучниот музеј на Македонија беа отворени две тематски изложби „Раѓањето на Фрушка Гора“ од д-р Иван Дулиќ и „Карпи – скриени бои и форми“, на Дарко Тимотиќ.
Изложбата „Раѓање на Фрушка Гора“ е од исклучително научно и едукативно значење, затоа што во неа се изложени преку 230 фосилни родови и видови. Прикажани се фосилни остатоци на морска и слатководна фауна (школки, полжави, корали, брахиоподи и ежови од горна креда – пред околу 70 милиони години – и неоген – пред 16 до 5 милиони години), копнена вегетација од олигоцен (пред околу 25 – 30 милиони години) и долен миоцен (пред околу 20 милиони години) и остатоци од плиоценски цицачи (од пред околу 100 000 години). Покрај фосилниот материјал, на изложбата се прикажани и пресеци на магматски, метаморфни и седиментни карпи од Тетискиот Океан (од пред околу 250 до 40 милиони години) кои говорат за геолошката градба на Фрушка Гора.


Автор на изложбата е д-р Иван Дулиќ.
Авторот на изложбата „Карпи – скриени бои и форми“, Дарко Тимотиќ, дипломиран геолошки инженер – палеонтолог, ги избрал најинтересните примероци на карпи и минерали кои ги ставил пред објективот на фотоапаратот, како би ни ја прикажал убавината која е скриена од окото на неупатениот набљудувач. Избраните 32 фотографии печатени на сликарско платно ја побудуваат фантазијата и наведуваат на размислување за настанокот на карпите и минералите и нивното значење.


На фотографиите се прикажани примероци на карпи, минерали и скапоцени камења од целиот свет, со посебен акцент на примероци од различни локалитети во Србија.
Со изложбата, на публиката и се прикажува геолошкиот диверзитет од уметничка гледна точка. На овој начин се зголемува заинтересираноста на поединецот, како и на пошироката заедница, за запознавање со минералите, карпите и фосилите, што придонесува кон поголем интерес за појавите во природата, нивното зачувување и негување. Една од целите на оваа изложба е зголемена свест од потребата на еколошки пристап на поединецот и општеството во зачувувањето на природната средина и геолошкото наследство.


Изложбите се организираат во соработка со Покраинскиот завод за заштита на природата од Нови
Сад, Република Србија, а се поддржани со програмата за музејска дејност од Министерството за
култура на Република Македонија и НТЦ Нафтагас.
Изложбите ќе бидат отворени за јавноста во периодот 19-ти мај со 10-ти септември 2018 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top