сабота, 22 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

Четири лица уапсени за нападот врз солунскиот градоначалник

За нападот на градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, грчката полиција досега идентификуваше и уапси четири лица, од кои едно малолетно.

Прво беа уапсени еден 20-годишен и еден 36-годишен маж, а доцна синоќа и уште две други лица, од кои едно 17-годишно момче.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, четворицата ќе бидат изнесени пред јавен обвинител и ќе одговараат за нарушување на јавниот ред и мир, нанесување телесна повреда и предизвикување штета.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во текот на денешниот ден, во Солун ќе се заседава Општинскиот совет каде што градоначалникот Бутарис ќе излезе со став за нападот.

Општински совет за инцидентот од саботата ќе се одржи и во Атина, а паралелно закажани се и собири за поддршка на солунскиот градоначалник.

Бутарис, како што вчера објави МИА, вербално и физички беше нападнат од група граѓани за време на манифестацијата за одбележување на годишнината од геноцидот на пондските Грци, во центарот на Солун.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top