недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 2 ново

Алексиќ: Македонските судови треба да го имаат истиот став што го има и Врховниот суд на Грција

Почитувајќи ги одредбите на Европската конвенција за заштита на човековите права, Врховниот суд на Грција одлучи дека во Република Македонија не постојат фер услови за да ѝ ги испорача ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Не само меѓународното туку и домашното законодавство пропишува дека одлука не може да се измени на полошо за осомничен, обвинет, осуден, односно еднаш стекнато право, помилување од страна на претседателот не може се повлече. Ова правило е клучно во меѓународното, европското, но и во домашното казнено право, како што пишува професорот Владо Камбовски во својот учебник по Казнено право, кое има своја позадина во заштитата на општиот правен стандард – потребата да се почитува начелото на правната сигурност во државата.

Укинувањето на безусловни мерки за помилување, од друга страна, генерално не е прифатено со праксата и преовладувачкото правно мислење ниту во државите-потписнички на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП), а Република Македонија, уште еднаш, е токму една од потписничките на меѓународниот договор.

Но, каде затаија судовите на Република Македонија, една од државите-потписнички на истите меѓународни конвенции на кои се повика грчкиот суд, и на кои правила се повикуваат нашите судови кога веќе го превидуваат начелото да се обезбеди правна сигурност во државата?

-Не постојат никакви правни пречки нашите судови да го прифатат ставот на Врховниот суд на Грција, бидејќи тоа е во согласност со конвенциите што се ратификувани од страна на Република Македонија. Оттука, треба да го имаат истиот став што го има и Врховниот суд на Грција, смета адвокатката Сања Алексиќ.

Таа објаснува дека кога една држава, во случајов Република Македонија, ќе ратификува конвенција, меѓународен договор, целосно го прифаќа и тој станува над нашето законодавство.

-Веќе сме ги прифатиле тие правила на игра и сега веќе не можеме да отстапиме од тоа, додава Алексиќ и нагласува дека Европската конвенција во Република Македонија има супранационално правно дејство, односно е над домашното законодавство и во согласност со Уставот на Република Македонија меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

-Самата одлука за помилување создала права за тие кои биле помилувани во тој момент и не требало да се води понатаму никаква постапка. Во моментот кога е донесен Законот за измена на Законот за помилување и потоа одлуките за поништување, повредена е ЕКЧП. Во моментот кога претседателот Иванов ја донел одлуката за помилување во согласност со Законот за помилување кој важел во моментот, не била предвидена ниту можност за поништување на одлуките за помилување и заради тоа институтот помилување не може да се отповикува. Дури и во ситуација кога во домашното законодавство е предвидена можност за отповикување, како што отпосле се овозможи кај нас, со поништување на помилување истиот не може да доведе до ретроактивна примена на веќе донесените акти на помилување бидејќи таков закон не постоел во моментот кога е извршено помилувањето, вели Алексиќ во изјава за „Република“.

Човековите права на лицата на кои се однесува помилувањето веќе се повредени со неговото отповикување. Судењето на тие лица е уште едно повредување на нивните веќе повредени човекови права.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top