понеделник, 21 мај 2018 | Вести денес: 7 ново

Дали „Дојче Телеком“ под притисок си заминува од Македонија – го продава својот удел во Македонски Телеком?

„Дојче Телеком“ размислува да го напушти македонскиот пазар, објави „Лидер“ повикувајќи се на извори од Македонски Телеком.

Причина е управувањето со компанијата „Македонски Телеком“ каде што Дојче Телеком поседува 51 отсто од акциите, а македонската влада има удел од 34,81 отсто. Двајцата директори номинирани од меѓународната компанија и Владата имаат врзани одлуки.

Како што пишува „Лидер“ постоеле големи несогласувања помеѓу клучните партнери во однос на одлучувањето. Според извори на порталот, Владата постојано се мешала во работењето и носењето одлуки, инсистирала на смена на кадровски решенија на менаџерски позиции, а се мешала и во строгите процедури за јавни набавки фаворизирајќи компании блиски до власта.

Дополнително, Дојче Телеком неодамна се спои со американската телекомкуникациска компанија „Спринт“, чекор кој повлекува инвестиции па компанијата планира да го намали фокусот на партнерите. Проблемите во функционирањето со владата ја ставиле Македонија на листата за потенцијална продажба.

Затоа, следната недела се очекува оставка да поднесе главниот извршен директор Андреас Елснер номиниран од „Дојче Телеком“ а истовремено да не му биде продолжен договорот и на главниот оперативен директор Горан Трајановски, номиниран од Владата. Неговиот ангажман согласно договорот ќе заврши на 30. јуни, дознава „Лидер“.

По ова, согласно договорот помеѓу Дојче Телеком и Владата за привремен извршен директор од 1ви јули ќе биде поставен Никола Љушев со крајна цел да го менаџира процесот на продажба на Телеком. Во моментов веќе се водат конкретни дискусии со Турк Телеком и Виваком Бугарија.

Љушев во моментов менаџира со Црногорски Телеком откако беше сменет од менаџерската позиција во ВИП.

Не се исклучува можноста идниот партнер да сака да откупи 100 проценти од компанијата односно да го купи уделот кој во моментов го има Владата. Со тоа практично целата компанија Македонски Телеком би била ставена на продажба.

Бордот на директори на Телеком според изворите на „Лидер“ ќе одржи состанок во вторник изутрина кога на дневен ред ќе бидат ставени оставките на топ менаџментот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top