понеделник, 21 мај 2018 | Вести денес: 20 ново

Проектот „Македонисимо“ на Трпчески и пријателите на турнеја во Полска

По Лудвигсбург, Љубљана и Лондон, најновиот проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите ќе биде претставен и на турнеја пред полската публика. Серијата концерти започнува во Варшава на 20 мај, Шќеќин на 22 мај, два дена потоа во Гдањск и на 25 мај во Катовице.

Тимот на „Македонисимо“

Концертот во полската престолнина, што ќе се одржи во Кралскиот замок, е по иницијатива и со поддршка од Амбасадата на Република Македонија и вршителот на работи амбасадор, Горица Атанасова Ѓоревска. Со настанот ќе се одбележат и 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Полска. Концертот е и дел од циклусот „100 години независност на Кралскиот замок“, со кој чествува и еден век од обновувањето на полската независност.
Потсетуваме, во „Македонисимо“ – новата димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов, освен Трпчески настапуваат и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција), потоа на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките Влатко Нушев од оркестарот на Македонската опера и балет. Гостин на полската турнеја ќе биде и нашиот истакнат кларинетист Ристо Ѓоревски.

Гостин на полската турнеја ќе биде и нашиот истакнат кларинетист Ристо Ѓоревски

Во јуни следи и француската премиера на „Македонисимо“ на Пијано фестивалот во Лил.

фотографии: КултурОп

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top