недела, 15 јули 2018 | Вести денес: 75 ново

Курто Дудуш и Неждет Мустафа лути на Заев дека Амди Бајрам пак е во власта

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш од редовите на СДСМ е незадоволен бидејќи неговиот политички опонент пак е во власта. Според Дудуш, со тоа продолжува исмевањето на ромската заедница.

– Почитуван премиере Заев сакам да ви ја пренесам пораката од граѓаните на Шутка: Не не гласаа граѓаните за да го воскреснете Амди Бајрам од мртвите и за да го вратите монструмот на местото на злосторот. Се надевам дека гласот на народот ќе биде клучен за преиспитување на вашата одлука – вели Дудуш.

Пратеникот Амди Бајрам не му остана должен на Дудуш и коментира дека не му е јасно зошто се крева толкава прашина кога тој 20 години коалицира со секоја власт, за доброто на Ромите.

– Од сега, кој сака нека биде, јас кога се определувам верен сум. Верен со СДСМ бев 11 години, до 1998 година. Јас сум човек кој кога дава збор останува на тоа. 11 години му бев верен на Груевски на ВМРО-ДПМНЕ. Со неговото заминување јас морам да ја гледам страната на Ромите -вели Бајрам – претседател на Сојузот на Ромите на Македонија.

Против Бајрам реагира и претседателот на Обединетата партија за еманципација на Ромите, Неждет Мустафа. Тој побара Заев да ја преиспита одлуката за Амди Бајрам. Мустфа додаде дека партиското раководство ќе одлучи дали ќе останат во владејачката коалиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top