недела, 15 јули 2018 | Вести денес: 75 ново

Заев: Опцијата за името утврдена меѓу двете страни е комплетно решение

Опцијата за името која што би можела да биде прифатлива од двете страни, е комплетно решение, рече премиерот Зоран Заев на попладневната заедничка прес-конференција во Скопје со британската премиерка Тереза Меј, а во врска со средбата со неговиот грчки колега во Софија.

– Едно е сигурно, пријателството ќе расте помеѓу Македонија и Грција и од тоа бегање нема. Довербата е изградена, граѓаните не упатуваат на тоа, тие соработуваат, институциите соработуваат, но јас искрено верувам дека може да најдеме решение. Опцијата која што би можела да биде прифатлива од двете страни е комплетно решение. Значи, не се работи само за парцијални делови. Секако, продолжуваат консултациите внатре во двете земји за да видиме дали навистина тоа решение би можело да биде прифатливо за двете страни, изјави премиерот Заев на новинарско прашање.

Според него, евентуалното нерешавање на спорот за името не би требало да создаде дестабилизација, бидејќи станува збор за прашање кое не е решено веќе 25 години.

Британската премиерка порача дека даваат целосна поддршка во решавањето на спорот за името и оти од решението ќе има придобивки и за Македонија и за Грција.

– Само неколку месеци по парламентарните избори во Македонија дојде до големи промени. Владата подаде рака кон своите соседи и почна да се ангажира за решение на проблемот со името. Знам дека Македонија е посветена кон ова решение, а таквото решението ќе донесе чисти придобивки и за двете земји. Можете да сметате на целосната поддршка на Обединетото Кралство на овој пат, истакна Меј.

Во однос на влијанието на Русија во регионот, шефот на британската Влада истакна дека тоа им е познато, спомнувајќи го и случајот во Солзбери, но важно е, рече, здружено да се спротивстават на овие влијанија.

– Ние препознавме и ја видовме Русија како се однесува кон Западен Балкан и во цела Европа. Дел од тоа се однесува на една пропаганда, на злоупотребата на информации, кибер напади. Со Заев се осврнавме и на реалниот напад со употреба на нервен гас во Велика Британија. Важно е сите да се здружиме во справувањето и спротивставувањето на овие надворешни влијанија на Русија во сите овие земји. Затоа поддршката што ја добивме од Македонија и од други земји беше од големо значење за нас. Сакаме да обезбедиме дека низ цела Европа ќе можеме да се здружиме и да работиме заедно за да ги браниме вредностите кои се темелот на нашите демократии, рече Меј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top