среда, 26 септември 2018 | Вести денес: 1 ново

И во Македонија ќе се извршува несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки

Целосно реновираниот Оддел за трансплантација денеска е отворен на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје и во него првпат во Македонија и пошироко ќе се извршува несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, која е една од најсофистицираните тераписки процедури во современата медицина. Пациентите од сега веќе не мора да одат во странство за ваква трансплантација.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Клиниката по што изјави дека од денеска пациентите на хематологија ќе се лекуваат во реновирани соби и простории според најсовремени светски стандарди. Посочи дека станува збор за пациенти кои се лекуваат од малигни заболувања на крвта кои бараат трансплантација на коскената срцевина.

Поголем број пациенти, рече Филипче, лани за оваа патологија беа испратени во странство, а со ова реновирање овозможуваме услови и во нашата земја овие пациенти да се лекуваат со оваа метода.

– Трошокот во текот на 2017 година за околу 25 пациенти кои беа испратени во странство за оваа метода изнесуваше меѓу 150.000 и 200.000 евра по пациент. Планираме сериозни заштеди на буџетот, околу 75 отсто од парите кои сега ги плаќаме за лекување во странство, ќе ги вложиме во нашиот здравствен систем, во имплементирање нови лекови на позитивната листа и во зголемување на платите и сумите на дежурства за лекарите и медицинските сестри, истакна Филипче.

Директорката на Универзитетската клиника за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис рече дека пациентите ќе бидат лекувани според најсовремени европски стандарди и услови за спроведување на трансплантација. Појасни дека тимот што ќе ја прави трансплантацијата е едуциран во Германија, Словенија и САД.

– Се надеваме дека ќе воспоставиме соработка и со болниците од Хрватска кои доколку има потреба ќе учествуваат во овие процедури. Од 10 до 20 пациенти годишно имаат потреба од несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, нагласи Пановска-Ставридис.

Додаде дека на Клиниката се вработени четворица доктори кои биле првенци на генерација и тоа ќе претставува значајно кадровско зајакнување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top